[Колумна] Дојде живот за младите – Охрид Calling

За време на Oхрид Calling сите се поврзуваме на неколку часа од музичката забава која не може да се опише со зборови и мора да се доживее. Сите заедно се забавуваме на светски познатите диџеи, пишува средношколецот Јовица Јанковиќ во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.

Една недела, еднаш годишно доаѓа животот за младите во Македонија. Во таа недела може да се каже дека сите тинејџери се слободни и се без контрола од страна на надлежните (родителите) и прават сè што ќе им се посака со буџет од илјадници денари.

Обично во тие денови сите ученици од средните училишта во Скопје и од цела Македонија како по наредба, иако ја нема наредбата, се собираат и го окупираат Охрид заедно со сите странски туристи кои, кога нè гледаат, сигурно се чудат од каде во овој мал град кој го опишуваат како романтичен и тивок одеднаш се појавија толку многу расположени и гласни млади луѓе.

Во таа една недела додека се одржува фестивалот Ohrid Calling е сè возможно. Може да се случи и тоа што не се случило и да не се случи тоа што можело да се случи или пак да ти се оствари нештото што било неостварливо и затоа на нас младите во тие денови Охрид ни го создава нашето единствено искуство и во љубовта и во музиката и го претвора во една животна симбиоза.

Младите ги окупираат плажите преку ден, а преку ноќ сите паркови, старото пристаниште и концертите кои се одржуваат на Билјанини Извори се само за нас младите, и насекаде и на сите локации во градот сме само ние – младите. Охрид како град е особено многу интересен и фасцинантен, и секогаш кога престојувам во Охрид јас сум лично воодушевен и полн со таквото чувство кое не можам да го опишам, но сигурно отприлика знаете на што мислам. Градот во летниот период е сестран, а под тоа мислам дека секој возрасен и секој тинејџер може преубаво да си помине во тие денови, дека надвор од активниот ноќен живот во Охрид, градот го има тој дух и го шири кај сите кои се наоѓаат во тоа место без разлика на возраста.

Овој период претставува некој вид на слобода и демократија кај нас, особено кај средношколците затоа што во овој период самите полека се навикнуваме и преземаме еден чекор напред кон независност, кој утре ќе ни биде доста круцијален за интеграција во општеството како граѓанин. Сè што ќе посакаме си го земаме, јадеме колку сакаме и што сакаме и тоа без дозвола од ниеден родител и имаме свој избор за тоа што сакаме во тој момент да правиме.

И што е најдобро, скоро сите што ги познавате се наоѓаат во Охрид и затоа можете со кој сакате да се дружите, па дури според мене може некој човек да отиде таму без да договори друштво и пак со кој сака ќе се дружи, особено за време на концертите.

Од друга страна се концертите. За време на Oхрид Calling сите се поврзуваме на неколку часа од музичката забава која не може да се опише со зборови и мора да се доживее, на светски познатите диџеи на чија музика сите заедно скокаме, урламе и се забавуваме како никогаш. Додека го пишувам ова, ми се враќаат спомени од изминатата недела и од сите концерти во кои бев, и апсолутно сум сигурен дека сите кои го читаат овој текст ќе се согласат со мене дека овие моменти се најценети за нас младите коишто дојдовме во Охрид за да си ја отвориме и одмориме душата!

Оваа колумна решив да ја напишам малку поразлична и порелаксирана од сите мои други колумни од причина што е лето и државата е опуштена и ние младите не значи дека само треба да се бунтуваме, туку ете мислиме и на други работи коишто се составен дел од нашата младост. Секогаш треба да се најде време и за одмор, па дури и ако некогаш во секое лошо бараме добро, што значи да заборавиме и на проблемите кои што ја оптоваруваат и државата и народот, како на пример името, презимето, референдумот, договорот и сите други работи коишто во овој момент не сме моќни да влијаеме, но секако најмногу ќе се одразат на нашата иднина.

Па и да претераме со забава и опуштеност, на нас младите треба да ни се прости затоа што старите викаат младост – лудост. На крајот на краиштата, па и ние имаме живот којшто Вие постарите како родители ни го дадовте и редно е да го живееме.

Мило ми е дека ја имав можноста и мило ми е за тие кои исто така го искусиле тоа лето Охрид 2018 и се надевам дека и наредната година ќе биде исто така убаво и лудо како и сегашново!