[Колумна] До кога ќе се одбира помалото зло?

Срамно и сканадлозно е тоа што се случи во саботата на УКИМ. Повторно кукавички потег на надлежните. Кога градот спие тие исекоа 47 дрвја во два часот по полноќ. Тоа се прави само кога сакаш да криеш нешто. А кријат. Со години кријат.

Уште лани ова време, на студентите им се смачи од корумпирани тајни од страна на власта и партиските војничиња. И почнаа да викаат. Се додека не беа слушнати. Не беше лесно. Низа на протести, маршови, окупација. Малку да ги раздрмаме од кожните фотељи. Ги раздрмавме, им се гледаше стравот во очите кога ќе не видеа.

Пред некое време решивме да пробаме поинаков пристап на пренесување на порака, односно да се организира фестивал. Ад Хок Фестивал е случајна реакција на конкретна ситуација. Кога гласавме за името на фестивалот, да ми верувате, не бев свесна колку сме го погодиле. Во склоп на завршување на фестивалот имавме трибина. Трибината имаше наслов “Што ли ќе се гради во нашиот дом?”, со цел да се развие јавна дискусија околу градењето на двата барокни факултети. Повикан беше и Ректорот на УКИМ, како најзапознаен со целата ситуација.

Во новата баркона зграда на ФФК ќе има една подземна сала. Повторувам, една подземна сала. Јас сум спортист и сум тренирала во повеќе земји во Европа. И баш поради тој факт ќе се осмелам да го кажам следново. За да се имаат елементарни услови за развивање како спортист, потребна е огромна површина, налик на спортската академија Васил Левски во Софија, Бугарија. Стадион, ателтски патеки, игралишта, повеќе сали. УКИМ, за жал не располага со таа површина. Според архитектонско-урбанистичкиот проект за универзитетски комплекс на градежна парцела, површината изнесува 91,779 m2 за сите факултети заедно. Дури и без вклучување на нови факултети и изградба на нови објекти во комплексот не се запазени законските регулативи; во сегашните услови бројот на студенти е веќе преголем за површината со располага кампусот.

Уште во 2002 година е потегнато прашањето за градење на целосно нов објект за ФИНКИ. 13 години подоцна, темелите ( за жал не барокни) сеуште стојат позади Хемискиот институт. Зошто бил стопиран проектот, нема конкретни информации. Во 2011, во универзитетскиот весник бр. 123 гласи: “Согласно со досегашните разгледувања и планови, како најсоодветна е опцијата да се изгради нова зграда во рамките на техничко­-технолошкиот кампус. Во рамките на овој кампус има државно неизградено зем­јиште кое е урбанизирано и може веднаш да се почне со изградба. Веќе се водени повеќе разговори на оваа тема и има согласност од МОН и од Ректоратот” проф. Д-р Димитат Трајанов. Поминуваат 4 години, ФИНКИ сеуште користат простории на ТМФ, ПМФ и ФЕИТ. Повторно празни ветувања. Во проектната задача за изработка на идејно решение за ФИНКИ за објектот е предвидена површина од 9.625 m2 за 3200 студенти 3 m2 по студент, кога минимум површината според Член 9 од Правилникот изнесува 7-10 m2.

Следниот ден, во јавноста излегува соопштение од УКИМ каде добиваме удар од оној што требаше да не чува. Налудничаво е да се помисли дека не се потребни комплетно нови згради за овие факултети.

Но дали ова е тоа што навистина им треба на факултетите да овозможат развој и просперитет на студентите? Или некој сака само да заработи повеќе на полесен начин. До кога ќе се одбира помалото зло?

Деа Здравковска, Студентски пленум