[Колумна] Дете со сништа во земја без соништа

Верувам дека на сите им е познато онаа чувство и потреба да се направи нешто, да се докажеш, да создадеш. Верувам дека сите ја почувствувале онаа младешка енергија која создава чувството дека може да полетате. Бескраен младешки ентузијазам е она што го чувствувам во моментот додека го пишувам текстот, и она што ме мотивира, пишува средношколецот Никола Крстевски во колумна за Радио МОФ.

На Интернет, секојдневно дознаваме за тинејџери – иноватори, кои на млади години создале нешто, започнале некоја своја приказна и на толку млада возраст градат своја кариера, наспроти муабетите што ги слушаме од постарите генерации, дека ние младите не сме заинтересирани за ништо, дека постојано денгубиме на Фејсбук и така натаму.  Се прашувам дали само јас ја чувствувам агонијата во која се наоѓа мојата генерација.  Со овој текст, сакам да ги потсетам сите мои средновечни сограѓани, на приказните кои ни ги раскажувале за секциите и клубовите кои имале можност да ги посетуваат во „нивното време“, додека биле на наши години.

Пред некој ден, присетувајќи се на детството, ги гледав ненадминливите детски серии: Наше Мало, Умни глави, Втора смена и т.н. Како некој што аматерски се занимава со актерство, се восхитував на малечките актери, раководени од Детското Драмско Студио на МТВ (за кое што мислам дека не е во функција). Тие личности се уште ги гледаме на телевизиските екрани, кои повеќе, кои помалку. А секој од нив има повеќе од 25 години.  Мислата ме наведе на Пионерскиот дом во Куманово, каде што порано се држеле многу секци, и од каде произлегле многу успешни ликовни уметници, поети, писатели, музичари, филмски работници и актери. Се запрашав, што е сега со сите овие работилници. Веќе со децении не се слушаат весели детски гласови од нивните простории. Ги паметам и сите амбиции кои ги имав додека растев, и со сигурност можам да тврдам дека доколку имав можност да ги продлабочам моите знаења, и ден денеска би се занимавал со една дејност, и можеби би бил многу успешен во тоа. Меѓутоа јас ја немав таа можност. Училишните секции беа сведени на изработка на хамери и презентации за изученото градиво. Никаква истражувачка дејност, никакво проширување на знаењата…никаква мотивација.

Го гледам брат ми, кој на 12 годишна возраст е фанатик по електроника… извонредно талентирано дете. Следејќи некои видео-лекции на интернет успеа да направи училишен пример на трепкач за автомобил, некој елементарен радио приемник и неколку електрични автомобилчиња. Меѓутоа, сите оние деца кои ги гледа низ екранот работат во супер опремени лаборатории, поттурнати од искусната рака на стручните лица и педагози. Страста полека бледнее и кај него. Тажно е што неговот талент и амбиција туку така ќе се испуштат од раце, и да не му се даде можност да го продлабочи и зацврсти своето интересирање.

И јас кога бев на 11 – 12 годишна возраст бев како мојот брат, со часови гледав во една точка во надеж дека ќе дојдам до некое откритие, и дека ќе се прославам со создавање на нова генерација компјутери. Меѓутоа јас ја немав можноста да ги посетувам часовите на радио –  аматер во Народна техника, како што ја имала генерацијата на татко ми. Којзнае, да ја имав таа можност, можеби за неколку години ќе му станев прв конкурент на Бил Гејтс.  Иако пројавував различни интересирања, од спортско пилотирање до театар и кинематографија, никаде немаше отворени врати за младите ентузијасти. А јас талкав… во својата фантазија, во својата желба и ентузијазам.

Нам ни останува, својата професија да ја избереме при упис во средно училиште или подоцна на факултет. Но никој не гледа колку потенцијал се крие во никулецот на детската љубопитност. И колку малку луѓе овде дознаваат за што навистина имаат талент.

Неодамна, Владата на Република Македонија, започна проект со кој, на секој студент со месечни примања пониски од просечните ќе додели бесплатен таблет компјутер. Но јас се прашувам што му е повеќе потребно на младото македонско општество, таблетите за лична употреба или овие веќе заборавени институции.

Никола Крстевски,  ученик во четврта година во гимназијата „Гоце Делчев„ – Куманово, и член на средношколскиот пленум