[Колумна] Чешка турлитава – наци, ска, хавелисти и пиво

Кога ќе се спомене Чешка она што прво на секому му доаѓа на памет е одлично пиво, економски стандард пар екселонс, легализирана проституција и марихуана. Во глобала, така и е (освен делот со марихуаната-не е легална, но полицијата не апси за консумирање или продажба, па секој слободно „пали“ секаде).

[Колумна] Чешка турлитава - наци, ска, хавелисти и пиво

Кога моите уредници од интернет медиумот каде бев на пракса во Прага побараа да напишам текст за некој проблем во Чешка, прво на што помислив беше високообразовниот систем и студентското движење. Но, студирањето во Чешка е бесплатно, студентите ги имаат сите бенефиции (бесплатен превоз, бонови за попусти во ресторани, кина и театри, средени студентски домови, бројни стипендии за странски студенти), и не постои студентско движење бидејќи нивниот СП си ја работи работата како што треба.  Најголемиот проблем на Чесите е невработеноста (8%) и креваат голема врева околу ова прашање. Зачудувачки, во последниве години во кај нив се појавува нацистичка партија, и се активира неонацистичко движење во помалите градови.

Статус кво

Повеќе од петмина Роми беа убиени од страна на неонацистите во Чешка последниве години, а секојдневно се случува  физичко и вербално насилство врз оваа малцинство. Најстрашниот случај е кога дете од ромска националност беше запалено од нацист.

[Колумна] Чешка турлитава - наци, ска, хавелисти и пиво Се почесто се случуваат неонацистички протести (минатата година беа регистрирани повеќе од 200) . Во Чешка беше регистрирана и неонацистичка партија (Dělnická strana, подоцна трансформирана во Delnicka strana socialni spravedlnosti-по судската одлука за неуставност на партијата), која промовира “чистење“ на сите оние кои не работат (во најголем дел тоа се Ромите), напуштање на ЕУ и НАТО и  воведување смртна казна. Иако немаат значајно учество во политичките текови, на нивните собири присуствуваат и по 1000 симпатизери, кои по говорите најчесто се упатуваат кон ромските населби  каде вршат физички и вербални напади. Случувањата во Чешка се дел од еден пообемен европски тренд  на актуелизирање на оваа радикална идеологија. Најекстремниот пример е оној во Словачка, кога минатата година на еден  од општинските избори во помалите градови, победи неонацист кој проповедаше “чистење“ на Ромите од нивната држава. Во оваа земја досега се изградени 15-тина  бетонски ѕидови со кои се одделуваат ромските населби во градовите.

Los Havelistas

Бидејќи чешката влада не презема ништо во поглед на ова прашање, освен тоа што понекогаш праќа мурија да стои пред влезовите на ромските населби, за наците да не влезат,  особено во последниве години се појавуваат многу граѓански иницијативи кои директно се спротивставуваат на гореспоменатите. Морам да напоменам дека скоро сите иницијативи се финансираат самостојно, најчесто преку фандрејзинг акции.

Активистите во Чешка ги нарекуваат „хавелисти“, по првиот претседател на независна Чешка, Вацислав Хавел кој рекол:„Вистината и љубовта ќе ги надвладеат лагата и омразата“. Ова е главната максима на хавелистите, кои често ги „зезаат“ за „лав пис енд хепинес“ расположението. Од друга страна се АНТИФА, радикалните антифашисти.

Активностите на хавелистите+АНТИФА се делат на 4 категории:

1. Окупирање на јавни простори каде се собираат нео нацистите
2. Работа со ромски семејства+едукација во средни училишта
3. Хајка по социјални мрежи
4. Ќотек и боксирачи

Бидејќи минатата година се оддржаа повеќе од 400 нео нацистички собири во Чешка, активистите почнаа да им ги окупираат просторите каде тие имаат најавено собиранки. Освен контра протести, беа организирани бројни креативни акции со кои се ограничуваше движењето на нацистичките групи кон ромските маала – читање книги со антифашистичка содржина на местата каде би требало да поминат нацистите, организирање фестивали со ромски бендови и прикажување филмови на важни локации. Она што последно го направи платформата Конекс (според мене генијално), е резервирање на јавни простори (преку најавување во полиција и во општините) на кои ќе се оддржуваат општински собранија, со што им се ограничи пристапот на неонацистите (според Чешкиот закон, доколку просторот е веќе резервиран, за организирање настан од друга организација потребна е дозвола од организацијата која првично го има окупирано просторот).

За време на нацистичките протести, кои во Чешка ги викаат „прогоми“, АНТИФА седат во куќите на Ромите со цел да ги заштитат од потенцијално физичко насилство. Кога нема протести,  се работи со ромските семејства со цел зајакнување на нивните комуни (бидејќи се премногу исплашени за да се спротивстават), како и социјализација со соседите. Друг метод на работа, кој претежно го спроведува НВО секторот, е предавања во средните училишта  за последиците, приклучување во вакво движење (во последно време нацистичките активисти директно им пристапуваат на средношколци и делат памфлети во школите, како и индивидуално ги контактираат на ФБ). Предавањата ги држат бивши водачи на неонацистички движења од Германија, кои од прва рака ги споделуваат своите искуства (нешто како Дерек Винјард од Американ Хистори Икс да држи предавања кај брат му во школо).

Исто, по социјалните медиуми има цела хајка против нацистички активисти и чешки политичари кои ги поддржуваат, со јавно „резилење“ за нивната неписменост и социјален живот (види 1,2).

[Колумна] Чешка турлитава - наци, ска, хавелисти и пиво И за крај, АНТИФА се борбената единица, во буквална смисла на зборот. Тоа се дечките кои одат на контра протести со цел физичка пресметка со нацистите. На летните кампови учат боксирање, на протести одат маскирани и едвај чекаат да се тргнат полицајците за да тепаат нацисти.  Настрана од генералното мислење во Чешка дека дечките само сакаат да се тепат и да прават проблеми,  организират и културни собиранки каде собираат донации. Додека бев во Прага, бев на прикажување на филм за антифашистичкото движење во Бразил. Салата беше преполна. Во публика седеа панкери (ко оние нашите на времето во Скопје) и средовечни луѓе (во години на мајка ми и татко ми денес). На крај, луѓето ја преполнија кутијата за донации.

„Сума сумарум“

Сите организации кои работат на ова прашање се здружени. Без разлика на тоа што АНТИФА се стриктно против институционална борба, а хавелистите се исплашени од насилните АНТИФА. Кога се прави акција, учестуваат сите заедно, без разлика кој од каде доаѓа и кои се неговите идеолошки аспирации.

Ова е нешто што недостига во 90% од нашите активности кога сакаме да промениме нешто, без разлика дали зборувам за студентско организирање, еко акции, политички движења. За вистинска промена потребна е долгогодишна истрајна битка, на сите полиња.

Дечкиве за кои зборувам погоре, со години ја водат борбата за „подобро утре“. И како минува времето, се се подобро организирани. Секаква паралела меѓу активизмот во Чешка и во Македонија е скоро невозможна. Не би сакала да ги критикувам досегашните иницијативи кај нас, нити да сугерирам што треба да се направи (мислам дека доволно се преплавува интернетот од совети за македонскиот случај). Нашиот активистички дух допрва се создава и ни треба време да ги поминеме сите „детски болести“ -компетитивност на здруженија/иницијативи кои имаат иста кауза; его типови кои мислат дека го знаат решението на секој проблем затоа што имаат прочитано две страни од „Капиталот“; приврзаност за идеологија; откажување на прво НЕ; неинформираност за правни регулативи кога се протестира за нешто; елитизирање (затвореност) на организациите/неформалните дружини; инволвираност во граѓански иницијативи како начин за брзо збогатување, без никаква јасна цел и верба во идеата за социјална промена и многу итн итн.

И да, немаме нацисти, ама антифашизмот е многу повеќе од закачање дечки (и девојки) со кукасти крстови на рамо…

И за крај, наместо мудра мисла, малку ска, „пошто фали некако ептен“.

Александра Живковиќ