Колумбискиот претседател Хуан Мануел Сантос ја доби Нобеловата награда за мир

Поради неговата заложба да врати мир во земјата, претседателот на Колумбија Хуан Мануел Сантос ја доби Нобеловата награда за мир.

Наградата доаѓа и покрај тоа што пред неколку дена колумбиските гласачи на референдум го отфрлија мировниот договор кој ќе значеше крај на 52-годишната герилска војна меѓу Владата на Колумбија и левичарските бунтовници (ФАРК).

Гласноговорникот на Нобеловиот комитет го поздрави Сантос за неговата изјава „дека ќе се бори за мир до неговиот последен ден на функцијата“.

„Комитетот се надева дека наградата за мир ќе му даде сила да успее во оваа тешка задача. Понатаму, нашите надежи се дека во годините кои доаѓаат граѓаните на Колумбија ќе имаат подобар живот од процесот на помирување“, соопштија од комитетот.

Од таму додаваат дека и покрај тоа што мирот беше одбиен на референдум, преговорите помеѓу Владата и ФАРК го „привеле крвавиот конфликт поблиску до мирно решение“, а Сантос „силно се заложува во промоција на мирот демонстрирајќи го духот на тестаментот на Алфред Нобел“.

Нобеловиот комитет информираше дека претседателот Сантос се уште не бил известен дека е добитник на наградата и дека во се обидуваат да стапат во контакт со него. Тој не бил известен однапред бидејќи, според нив, тоа можело да води до протекување на информациите, а Нобеловата награда за мир не би имала значење доколку победниците не се чуваат во строга тајност.

Сириските Бели Шлемови, кои се сметаа за фаворити за оваа награда, на твитер му честитаа на Сантос, со желби за мир до него и до жителите на Колумбија.