Kолку е безбедна храната што ја јадеме?!

Kолку е безбедна храната што ја јадеме?!Македонските граѓани лани изедоа повеќе од тон и половина канцерогено српско брашно. Додека целиот Балкан го тресеше аферата со афлатоксинот во млекото кое се повлече од полиците на маркетите, македонските институции уверуваа, кај нас ваквото млеко останало во магацините. Стотици тегли со непозната содржина се продавале како мед во реонот на Кичево-Охрид, сомнителни пестициди за прскање на овошките беа запленети во Преспанско.

Ваквите случувања последниве месеци го отворија прашањето, колку е безбедна храната што ја јадеме. Додека институциите смируваат, граѓаните се сериозно загрижени и за безбедноста и за составот на храната што ја купуваат.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство посочуваат дека се засилени се контролите на увезената храна. За домашното производство пак уверуваат дека е безбедно. Декларацијата е посебен проблем велат од Агенцијата, па затоа од лани започнале со посебен систем за контрола на тоа колку производот навистина ги содржи состојките кои стојат на пакувањето.

Одделението за Заштита на потрошувачите во Агенцијата за храна и ветеринарство постои од 2007 година. Усно, писмено или по интернет, овде граѓаните се жалат кога имаат проблем или сомнеж за некој прехрамбен производ.Само лани биле поднесени 195 претставки од потрошувачите. 66%
од нив, инспекторите потврдиле дека се основани.

И додека најголем дел од информациите за анализите на храната не стигнуваат до граѓаните, од Одделението за заштита на потрошувачите појаснуваат дека во иднина ваквите податоци ќе станат подостапни за јавноста.

Во меѓувреме најавуваат засилување на контролите. Но проблемите не запираат овде. Она што е последно во низата афери поврзани со храната е пченица со тешки метали која повторно од Србија, пристигна во Македонија.

Јасмина Јакимова