„Колку чевли останаа неизносени?“, собир пред Влада посветен на иселувањето

„Колку чевли останаа неизносени?“е настан кој во сабота (13 февруари) напладне пред Владата ќе го организира иницијативата „Заслужуваме подобро“ за да потсети на проблемот со иселувањето од Македонија.

„Веќе со години сме сведоци и жртви на најголемот современ егзодус во Македонија. Официјалните бројки покажуваат, а нашите болни разделби потврдуваат дека од државата секој ден, секој час се иселуваат наши најблиски и сакани.

Причините за ваквите заминувања се сé полошата економска состоја и генералното влошување на сите животни и општествени сегменти. Нашето семејство, нашите пријатели, нашите комшии се делат од татковината и најблиските втурнати во потрага по парче леб.

Политиките на власта се директно одоговрни за ова масовно исселување, немаштија и бесперспективност“, се вели од поканата за настанот.

Од „Заслужуваме подобро“ ги повикуваат граѓаните да донесат пар обувки од своите блиски кои заминале во странство, при што на симболичен начин ќе ги потсетат и ќе им порачаат на надлежните дека сакаат својата иднина заедно да ја градат во сопствената татковина, а не во туѓина.

Обувките кои се во употреблива состојба ќе бидат подарени во хуманитарни цели. Останатите, кои не се за употреба, ќе станат дел од уметничко дело на група автори посветено на иселувањето.