„Колективот Зеро“ денес отвора изложба во Демир Хисар

Во годинешниот Град на културата, Демир Хисар, вечер од 20 часот во Домот на културата ќе биде отворена изложбата на „Колективот Зеро“ – „Зерорендум“. Изложбата е надополнување на постојната колекција на фотографии „Paperworks“.

Според најавата, се работи за фотографии со сликарски интервенции кои ги дообликуваат и им дават нова димензија, структура и порака.

„Овие фотографски-сликарски дела во согласност со индивидуалниот сликарски ракопис на авторите се проткаени со елементи на психоделија и надреалност, како и една откровенителна ‘нова реалност’ каде уметниците во улога на креатори ја отпочнуваат и формираат ‘новата реалност’, наведува Јасмина Котевска, автор на текстот на каталогот за изложбата.

Колективот Зеро – О (Нулта точка до бесконечност) е мала група уметници чии почетоци се во 1980-те. Групата беше активна на македонскатља сцена преку разни видови уметност – сликање мурали, изведба на перформанси… што во тие години беше новина и носеше свежина на македонската уметничка сцена.