Колективно стискање палци за „Оскари“ во Младински културен центар

Младинскиот културен центар вечерва ќе го спростре својот најдобар црвен тепих, а посетителите ќе можат да го погледнат документарниот филм „Медена Земја“ за последен пат пред оскаровската церемонија за да ја почуствуваат „медената“ треска. Поради големиот интерес, домаќините објавија дека „Оскарите“ ќе бидат проследени на повеќе екрани, а за таа цел ќе биде отворено цело МКЦ.

По проекцијата на филмот, од МКЦ најавуваат специјална музичка програма во која учество ќе земе дел од авторската екипа.

Некаде по полноќ, публиката заеднички ќе го проследи 92то издание на „Оскарите“, по што ќе следуваат колективни солзи радосници или утешувања за судбината на „Медена земја“.

Билетите за овој настан се бесплатни, а достапни се исклучиво на билетарницата на МКЦ.

Појдете во МКЦ по вашите билети за заедно да стискаме палци!