„Кокино – мистичен шепот низ вечноста“, изложба на фотографии на Љупчо Илиевски

Изложба „Кокино – мистичен шепот низ вечноста“ на македонскиот фотограф Љупчо Илиевски ќе биде отворена денеска во Уметничката галерија на Градскиот музеј во Крива Паланка.

Љупчо Илиевски е еден од најистакнатите македонски фотографи кој негува специфичен, уметнички стил и силен авторски печат. Засега е единствениот фотограф од Македонија чии фотографии за мегалитската опсерваторија Кокино се објавени на „National Geographic“, во српското издание.

Во последниве седум години негов нов предизвик е историјата стара 4.000 години. Приказната за Кокино, раскажана преку записот на Илиевски, неодамна резултираше со изложба, која предизвика подеднаков восхит и кај публиката и кај критиката.

Илиевски е автор на девет самостојни изложби, а како член на „Фото-клуб 25“ учествувал и на повеќе групни изложби. Присутен е на повеќе филмски фестивали, а за својата работа повеќе пати е наградуван. Неговиот потпис стои и под поштенските марки со тема – Теракотни икони и Кокино.