Кој се плаши од феминативи?

„Во случај ако се воведе целосна родовата прилагодба на професиите, тогаш тоа ќе има своја импликација и врз кратенките за професиите. Дали „дипл. инг“ би била „дипла. инга“, „проф.“ би била „профка“, а „др.“ би била…(непријатно ми е да напишам). Понатаму, што со англицизмите кои се одомаќени во нашиот јазик, па бизнисмен, каубој и фронтмен, родово се прилагодуваат со додавање на суфиксот „ка“ за да се добие феминатив кој не само што нема никакво значење, туку е и апсурдно воопшто да се изговора – бизнисменка, каубојка, фронтменка..“, пишува д-р Ненад Живановски во својот текст „Кога родово сензитивниот јазик е применлив во македонскиот јазик?“, објавен на академскиот блог „РесПублика“, кој воедно претставува и иницијатива за дигитално граѓанство со цел да се зајакне улогата на академската заедница во штитење на јавниот интерес.

Текстот на д-р Живановски е објавен во 2019 година, но пред извесно време темата за воведување и користење на фемитиви, односно употреба на женскиот род при укажување на професии, стана вжештена точка во јавноста. Најпрво како дискусија за употреба на зборот „министерка“ од државните институции, за потоа темата да се прошири кон начините на кои се употребува македонскиот јазик.

Во својот текст, д-р Живановски вели дека според неговиот субјективен впечаток, дискурзивната пракса која е присутна во нашето општество има тенденција без јавна дискусија родово сензитивниот јазик да се применува во јавниот дискурс.

„…најпрво и највеќе од страна на граѓанските активисти и невладините претставници, и со тоа да се наметне како пракса која е стандард кој треба да се почитува од сите, со реална опасност нејзиното неприменување директно да стигматизира дека сте противник на политичката коректност, противник на рамноправноста на жените, па и мизоген [sic]…“, продолжува тој.

Професорката од Институтот за етнологија и антропологија, Илина Јакимовска, вели дека отпорот кон осовременувањето на јазикот, доколку тоа постои, вообичаено произлегува од јазичките „елити“ – лингвисти, лектори, професори – кои сметаат дека секаква либерализација, дури и во сферата на лексиката (за граматиката и не станува збор) би довело до наводно дестабилизирање на соодветниот јазик.

„Ваквата вештачки поставена брана помеѓу животот и јазикот често пука, а напорот овие шавови да се состават е поголем отколку едноставно да се признае дека некогаш прифатениот правопис и речник треба да се ревидираат и/или релаксираат. Сепак, ова не е главната причина за отпорот на поединци кон именување на професиите во женски род кај нас. Според мене такви има неколку. Прва е генералната несигурност и недостаток на самодоверба кога станува збор за какви и да е промени, па и во сферата на јазикот. Професиите во женски род со суфикс – ка полесно се прифаќаат затоа што на нив завршуваат некои од оние кои сме навикнати да ги слушаме во женски род (учителка, писателка, службеничка, чистачка, готвачка). Но дури и тие некому звучат пародично доколку станува збор за „филозофка“, „географка“, „министерка“, се надоврзува таа.

Лингвистките Нина Тунтева и Викторија Блажеска неодамна го создадоа својот блог за лингвистика на македонски јазик „Јазичарница“. Според нив, македонскиот јазик е како и сите живи јазици подложен на промени. Тие истакнуваат дека нови зборови се појавуваат во јазикот постојано, без оглед на тоа дали „пристигнале“ од надвор, односно од некој друг јазик, или, пак, се развиле од веќе постоечки елементи во македонскиот јазик.

„Во македонскиот јазик е интересно дека често се случува именките што означуваат лица и професии да се користат во формата во машки род дури и кога се однесуваат на лица од женски род: „Мојата наставничка по англиски беше одличен педагог.“ Недостигот на формите во женски род (кои во лингвистиката се нарекуваат феминативи), односно нивното неупотребување, е празнина што сигурно може да се пополни, но за тоа треба време и нивна долгорочна свесна употреба од страна на што е можно повеќе луѓе“, велат од „Јазичарница“.

Според д-р Живановски, нема ништо лошо во родово сензитивниот јазик, доколку е прифатлив, родово афирмативен и останува само по препорака која ги уважува спецификите и говорната пракса на јазикот во една држава.  Сепак, според него проблем може да настане кога застапниците на политичката коректност почнуваат да креираат состојба за она што би требало да биде препорака, суптилно да постане директна интервенција во јазикот и неговата јавна употреба и (не)стручно почнуваат да пропишуваат правила за нормирање и стандардизирање на јазикот.

„Професиите и занимавањата во нашиот јазик се од женски род таму каде е тоа објективно можно, не ја ремети звучноста на зборовите и мелодичноста на говорот. И против тоа никој нема ништо против бидејќи јазикот е жив „организам“ кој се менува преку праксата во секојдневниот говор, а не синтетички да се прилагодува само заради имагинарна потврда на родова еднаквост. Конечно, една жена со самодоверба и без комплекси на пониска вредност, својот квалитет и рамноправност со мажите нема да ги докажува со тоа што професијата ќе ѝ се нарекува во женски род, туку со знаењето и супериорноста дека во професијата е поуспешна од некои свои машки колеги“, пишува тој.

Од друга страна, професорката Јакимовска вели дека формите во женски род на професиите на ог – биолог, гинеколог, антрополог, се единствено замисливи со  додавката -иња (биологиња).

„Ова во моментов може некому да звучи неприфатливо, но доколку тие бидат прифатени во медиумите и во секојдневниот говор, без оглед дали се „благословени“ од јазичарите, ќе си го најдат патот. Зошто никому не му звучат чудно и смешно термини од англискиот, кои до пред некоја година не знаевме ни дека постојат, а сега со задоволство ги користиме, особено затоа што не успеваме да смислиме свои? Дали до скоро знаевме што е „мјут“, за сега да велиме „ме мјутна“? Дали се секираме за тоа што дури и во официјални документи, значи произлезени од државни институции, на сила се „македонизираат“ термини, како „инклузија“, нагласува таа.

Па според неа, реагирањето на дел од јавноста на професии може да се толкува како јазичко лицемерие. Професорката Јакимоска дополнува дека во неодамнешната дискусија за „министерка“ тоа има и јасна политичка обоеност и претставува обид за кревање џева и онаму каде што за тоа нема никаква потреба, проста провокација.

„Мизогинијата секако не треба да се потценува, но не треба ни да се оди во другата крајност – во се’ да се гледа родово обоен мотив. Понекогаш станува збор за чиста глупост“, додава таа.

Од „Јазичарница“ пак, велат дека на прв поглед, женските форми што би соодвествувале на психолог и војник ни се чинат невозможни, бидејќи веќе постојат придавки во истата форма: психолошка (ординација), војничка (униформа).

„Од друга страна, тоа што се преклопуваат формите не е секогаш изговор за непостоењето на женската форма, бидејќи тоа не е ништо ново: „Наставничката те чека во наставничката канцеларија“. Овие случаи што ни се сосема природни најчесто се однесуваат на професии во кои традиционално доминирале жените (чистачка, шивачка, гатачка, пејачка итн.)“, напоменуваат лингвистките.

Во својот заклучок, Живановски вели дека политичката коректност во однос на родово чувствителниот јазик треба да биде во духот на јазикот, неговата традиција и природна динамика кон промени, а не силување на јазикот преку наметнување неприродни правила кои треба да ја нормираат промената во нешто што ќе биде формално постоечко, а, сепак, во јазичната пракса неприменливо.

„На кого му е потребен таквиот родово сензитивен јазик кој ќе звучи рогобатно, апсурдно, смешно и ќе биде отфрлен од оние кои треба да го прифатат – граѓаните?“, прашува тој.

Сепак, според д-р Живановски несомнено е дека стандардизацијата на говорот во службена и во јавна употреба може до одреден степен да подразбира интервенција во насока на испраќање на посакувана политичка порака.

„…Нормирањето на јазикот не смее да се раководи исклучиво со принципот за испраќање на посакувана политичка порака, особено кога тоа се коси со согледувањата до кои дошла званичната наука за јазиците, или кога тоа би значело нарушување на структурата на дадениот јазик, односно би било во несклад со важечките граматички и правописни норми и добрата јазична практика. Затоа, секоја стандардизација на говорот во службена и јавна употреба во РМ мора прво да биде усогласена со постојната норма на македонскиот јазик, а потоа да се бараат можности за примена на родовата сензитивност“, заклучува тој.

Професорката Јакимовска смета дека глупоста станува и сѐ поголема ако се земе превид дека богатството на македонскиот јазик е токму во можноста за родово диференцирање и на именките, и на личните имиња и презимиња.

„За разлика од јапонскиот на пример каде нема родови, македонскиот говорител може да ја замисли реката како девојка со развиорени коси, или дабот како стамен старец. Но притоа не може да замисли дека технолог или градежник може да биде – жена!“, заклучува таа.

Според лингвистките Тунтева и Блажеска, огромен број на феминативи веќе постојат и се во активна употреба (фотографка, градоначалничка, програмерка), што само потврдува дека се работи за природна појава во јазикот.

„Важно е да се развијат и останатите феминативи што во моментов недостасуваат, бидејќи така ќе се пополни празнината што навидум предизвикува нерамнотежа меѓу застапеноста на мажите и жените во различните професии денеска. На извесно ниво, со постоењето на соодветните феминативи повеќе се вреднува работата на жените што се научнички, космонаутки, нотарки, ректорки и филозофки“, заклучуваат тие.

Ивана Смилевска