„Кој ќе го закопа последниот битолчанец!?“ – фотографии посветени на заболените од рак поради загадувањето

Никола Шиндре е млад битолчанец, активист, кој направи моќен фотоалбум со цел да ја подигне јавната свест за условите во кои што живеат болните од карцином, но првично за енормното загадување во Битола и околината од Рудерско-енергетскиот комбинат „Битола“, коешто е главна причина за голем број случаи на заболени од рак.

Албумот насловен „Кој ќе го закопа последниот битолчанец!?“, го посветува на својата мајка, татко, баба, стрико, вујна и сите други кои биле, се, или ќе бидат болни од рак.

Фотографиите се направени во стариот Офицерски дом во Битола, а за негова реализација тој ја избричи својата коса.

„Во Битола и околината има регистрирано над 4.000 луѓе кои боледуваат од карцином (самиот град има околу 60.000 жители), а главната причина за тоа е непоставувањето на филтри од страна на РЕК Битола, незаинтересираноста на централната и локалната власт за овие прашања и немањето на силно граѓанско општество кое ќе стави крај на сите овие прашања.

Ова мора да се сопре, јас кревам глас за оние кои не можат да станат и гласно да викаат за своите права и одземеното човеково достоинство. Повеќе не смееме да дозволиме да ни се случува еколошки геноцид заради хировите и каприците на поединци“, стои во описот на неговиот фотоалбум.