Кои земји во светот ги вакцинираат децата и на кој начин?

Медицинските власти во Велика Британија препорачуваат на младите да им се понуди барем една доза од вакцината „Фајзер“. Останатите земји вакцинираат помлади тинејџери веќе некое време, но процесот на имунизација се разликува, анализира BBC.

Што се случува во Европа?

Во мај, Европската агенција за лекови – ЕМА ја одобри вакцината „Фајзер“ за деца од 12 до 15 години. Оттогаш, европските земји се движат со различно темпо на вакцинирање на деца.

Најголем дел од детската популација во Европа со барем една доза се вакцинирани во Данска (12 до 15 годишници) и Шпанија (12 до 19 годишници).

Во Франција, имунизацијата се движи до околу 66% од оние на возраст од 12 до 17 години со една доза на вакцина, а 52% се целосно вакцинирани. Планот на здравствените власти се проширува од октомври и со тоа сите помлади од 18 години ќе треба да покажат доказ за вакцинација или негативен тест за Ковид-19 за пристап до места како кина, музеи, ресторани и затворени трговски центри.

Во јуни германските научни советници препорачаа вакцина да им се понуди само на деца од 12 до 15 години со одредени здравствени состојби. Но, од август откако делта варијантата почна да се шири, планот ги опфати и сите постари од 12 години.

Во Шведска, децата на возраст од 12 до 15 години имаат право на вакцина само ако имаат заболување на белите дробови, тешка астма или друга медицинска состојба со висок ризик.

Во Норвешка, која не е дел од ЕУ, примената на имунизација е проширена за деца на возраст од 12 до 15 години, но ќе се понуди само првата доза, а одлуката пак за втората доза ќе се соопшти подоцна.

САД – делумна задолжителна вакцинација

Во мај, американските и канадските регулатори беа првите што ја одобрија вакцината „Фајзер“ за деца постари од 12 години. Процесот започна веднаш низ пунктови во САД со две вакцини дадени три недели. До крајот на јули, 42% од 12 до 17 годишна возраст ја примиле својата прва доза, а 32% се целосно имунизирани со „Фајзер“ или „Модерна“. Настојувањето да се вакцинираат децата започна кога САД доби пораст на инфекции водени од делта варијантата.

Кина одобри имунизација за деца од три години и постари

Во јуни, Кина го започна процесот на вакцинација за деца од 3 до 17 годишна возраст со вакцина произведена од производителот на лекови „Синовак“, со што стана првата земја која го одобри вакцинирањето за таква млада возрасна група.

Во теорија, вакцината против Ковид-19 е доброволна во Кина, иако некои локални власти рекоа дека на учениците нема да им биде дозволено да се вратат на училиште, освен ако целото семејство е целосно вакцинирано.

Вакцината „Синовак“  исто така е користена во многу земји во Азија, Африка и Јужна Америка.

Индија – вакцинацијата на возрасни е на прво место

Се смета дека Индија има најголема адолесцентна популација во светот. Најновите податоци од Националната серолошка анкета сугерираат дека околу 60% од децата биле изложени на инфекција од коронавирус од почетокот на пандемијата и најверојатно имаат добиено одреден имунитет од минатите инфекции.

Во август, регулаторот за лекови во земјата даде итна препорака за употреба за вакцина од локалната фирма за лекови „Зидус Кадила“за возрасни постари од 12 години и повеќе. Моментално вакцината треба да се даде во три одделни дози користејќи апликатор без игла, наместо традиционален шприц.

Владините научни советници рекоа дека вакцинацијата за деца на возраст од 12 до 17 години со здравствени состојби може да започне во октомври, но поширока примена ќе има откако ќе заврши процесот на имунизација за возрасни.