Што сè Фејсбук знае за нас?

Фејсбук објави дека собира 98 различни видови податоци за секој корисник на оваа социјална мрежа кои ги користи за насочено рекламирање. На увид имаат некои од најличните податоци од корисниците, како и активностите при посетување на други интернет страници.

Корисниците на најпопуларната социјална мрежа и досега претпоставуваа дека Фејсбук знае скоро сè за нивните животи, но со пуштањето на нова специјална страница наменета за едукација како функционира нивниот систем на рекламирање, компанијата објави кои работи ги собира од своите корисници. Тие податоци потоа ги користат за изработка на „комплетен потрошувачки профил“, маркетинг алатка која служи за прецизно, насочено рекламирање до Фејсбук корисниците.

facebook primer reklama

Пример како Фејсбук ги насочува рекламите

На тој начин, засновано на информациите кои постојано ги разменуваат и поставуваат корисниците на Фејсбук, но и надвор од него, компанијата може да „предвиди“ какви реклами да понуди директно на секој корисник. Па затоа, не е случајно кога се појавуваат реклами за „идеални“ локации каде да се помине летниот одмор, или за препознатливи стилови на облека, храна, музика, филм или други интереси на корисниците.

Вашингтон Пост објави дека доколку корисникот е најавен на својот Фејсбук профил, компанијата може да ги види сите други интернет страници кои се отвораат на тој уред. Корисниците можат да бидат „следени“ дури и ако се одјавени од профилот, така што во компанијата добиваат известувања кога се посетуваат интернет страници кои имаат копчиња „лајк“ или „сподели“ или доколку корисниците кликнат на реклама од нивната мрежа Атлас.

Фејсбук сепак информира дека не може да ги чита мејловите на корисниците.

Ова е само дел од листата од 98 точки на податоци кои Фејсбук ги собира од своите 1,71 милијарди активни корисници и ги користи за насочени реклами:

– Локација

– Возраст и генерација

– Пол и етничка припадност

– Јазик

– Степен на образование и училишта кои ги посетуваат

– Висина на приходи

– Каков дом поседуваат, колку имот имаат и која е неговата вредност

– Корисници кои имаат годишница во следните триесет дена

– Корисници кои се во нова врска и корисници кои се во врска на далечина

– Корисници кои очекуваат бебе

– Работната позиција, работодавачот, интереси на корисникот

– Вид на ресторани каде се хранат кориниците и вид на продавници каде што купуваат производи

– Каков оперативен систем користат

– Колку пари би потрошиле на нова кола, и дали имаат потреба од авто-делови

– Каков тип на кредитна картичка поседуваат

– Каде одат на одмор

– Корисници кои имаат мали бизниси и бројот на вработени лица