Кочански средношколци добија еврооптимизам од прва рака од Жбогар

За средното училиште „Љупчо Сантов“ од Кочани вчера не беше обичен ден. На гости им дојде евроамбасадорот Самуел Жбогар, кој седна во една од училниците заедно со триесеттина средношколци.

Учениците прашуваа, а Жбогар од „жешкото столче“ одговараше на прашања за рестрикции за симнување филмови од интенет, спорот со Грција низ призма на Унијата, реформи во образованието, па се до препреките што Македонија мора да ги совлада за да стане дел од ЕУ-семејството.

„Земјата не станува членка на денот кога ќе влезе во ЕУ. Тој ден нема да добиете магичен бакнеж и од Пепелашка ќе се претворите во принцеза. Некои прашуваат: ‘Кога ќе влеземе? 2025 или подоцна?’. Датумот не е важен, тоа е формалност. Важно е кога ќе почне да се менува државата, вредностите, стандардите во сите поглавја, здравството, владеење на правото, земјоделството, во животната средина итн. Особено се потребни големи промени во полето на животната средина, бидејќи таа тема е запоставена“, нагласи Жбогар пред средношколците.

Според евроамбасадорот, кога ќе се спомене ЕУ, некому прво на ум му доаѓа Брисел, некому Могерини или Хан. Некој ја поврзува ЕУ со проспетритет, добар живот, добро образование. Мир или сигурност.

„Така всушност беше и започната Унијата, да го задржи мирот во Европа. Но, ЕУ е повеќе од тоа. ЕУ е унија на земји, на вредности, демократија, почит за човекови права, на еднаквост, солидарност, владеење на правото. Ова е основата зошто членките се здружуваат. Сега, доаѓаат европски избори на крај на мај. Претстојат предизвици за ЕУ, особено што дел земји веќе не ги следат вредностите, за владеење на правото, правото на говор, слободата на медиумите, независноста на институциите. Затоа, преку изборите и кампањите се поставува прашањето за иднината: каква Унија сакаме?“, забележа Жбогар.

Според него, друг предизвик е перцепцијата на граѓаните за нивото на заштита на Унијата. Најголемата загриженост своевремено беше да се овозможи добра работа, а фокусот – економскиот развој. Последните неколку години тоа се смени, вели тој, па сега главното прашање е сигурноста.

„Проблемот со миграцијата донесе недоверба и во институциите на ЕУ, со национализирањето на политиките. Тоа е една од темите  за дискусија на европските избори. Дали ЕУ ја носи потребната сигурност, или земјите треба да преземат поголема одговорност? Во однос на Македонија, по долги години, гледаме со голема надеж да започнеме со преговори во јуни. Се уште постојат реформи кои земјата треба да ги испорача, особено за владеење на правото, безбедносните служби, корупција. Постои голема поддршка за Македонија од земјите членки. Свесни се за тешките одлуки кои моравте да ги направите во последната година, па сите се спремни за чекорење нанапред“, нагласи тој.

На прашањето од ученичка кој е бенефитот за ЕУ од смената на името на земјава, Жбогар нагласи дека, во принцип, името не беше сменето за ЕУ, туку поради проблемот со Грција. Таа е членка на ЕУ, па не можеа да започнат преговори, бидејќи е потребна едногласност.

Евроамбасадорот потенцира дека „по толку години, кога работите одеа од лошо кон полошо, тогаш решивте дека е можеби подобро да го решите името за да одите напред“.

„ЕУ го поддржува решението, бидејќи сакаме Македонија да оди кон ЕУ. Очигледно, граѓаните тоа го сакаат. Гледаме дека припаѓате во ЕУ, заедно со остатокот од Балканот. Постојат проблеми во сите земји – Србија, Косово, во Албанија има демонстрации, Босна не е закрепната по војната, Црна Гора преговара, но назадува со владеење на правото. Постојат проблеми низ регионот, но кога гледате дека една земја по децениски спор успева да реши проблем со соседите, тоа е бенефит, може да биде модел и за останатите. Тоа е знак дека секогаш постои решение и за проблемите кои делуваат невозможни. Ова е бенефит за ЕУ. Еврокомесарот Јоханес Хан вели: ‘Сакаме да извезуваме сигурност, наместо да увезуваме несигурност’“, нагласи Жбогар.

Во однос на прашањето за рестрикциите за симнување на онлајн производи, Жбогар рече дека не е запознаен со авторските права, не е експерт на ова поле.

„Не сум сигурен дека е легално да ги симнувате сите филмови и музика. Дефинитивно, како со се’ што е поврзано со авторски права, ќе биде дискутирано при преговорите со ЕУ. Владата ќе треба да преземе чекори и преку институциите да следи почитување на авторските права. Вие симнувате од различни сајтови од интернет. ЕУ не го регулира интернетот, но за да може јавно да се пуштаат музика и филмови тогаш треба да се почитуваат правила, а одредени права треба да се гарантираат“, рече евроамбасадорот.

Дел од учениците дадоа свои коментари за Унијата, одредени поглавја, за спорот меѓу Македонија и Грција, но и за нефункционирањето на македонскиот образовен систем.

Околу образованието, Жбогар потенцираше дека тоа не е важен дел од преговорите, бидејќи е национален приоритет. Нема ЕУ директиви за ова прашање, но, вели тој, се’ стартува со едукацијата, учениците потоа да станат добри доктори, адвокати, бизнисмени, работници… За потоа да ја развиваат и самата земја.

„Образованието треба да биде приоритет за земјата, веднаш, бидејќи не ви оди премногу добро. Тоа го покажуваат резултатите од меѓународното тестирање ПИСА. Гледајќи така лоши резултати, сите аларми треба да ‘ѕвонат’ и да се прават драматични промени. Со влезот во ЕУ се отвораат фондови за училишта, спортски сали и сл., но курикулумите останануваат во раце на самите земји“, рече Жбогар.

Според него, можеби треба поопширна анализира зошто толку лошо котираме на ПИСА. Голем дел држави доаѓаат од Југославија, од ист образовен систем, но што се сменило кај нив да одат погоре, а земјава надолу?

„Дали се курикулуми, школски учебници, наставници, платите на персоналот? Веројатно е комбинација, но кога ќе ја дознаете ‘дијагнозата за болеста’, тогаш може да ја третирате. Вашето училиште е убаво, се чини дека е во ред, меѓутоа многу од училиштата во земјава изгледаат ужасно. Особено ако отидете во западниот дел од земјата. Тоа значи – не е доволно инвестирано во училишниот систем. Можеби треба да се предвиди поголем буџет – инфраструктура, плати, тренинзи на наставници, компјутери, табли, лабораториска опрема итн“, рече Жбогар пред учениците.

Ги охрабри да студираат во странство, но ги охрабри и да се вратат дома. Трагично е, вели тој, колку млади ја напуштаат Македонија, наместо да останат и да ја развиваат земјата. Системот во ЕУ е таков што секој е „домашен студент“. Тоа е еден од бенефитите за членките. Плаќаат исто колку локалните студенти.

„Во повеќе земји е бесплатно, а школарината е ниска дури и во Обединетото Кралство. Така поставените работи немаат врска со Македонија, бидејќи моментално не сте членка. Се сметате за ‘странски студент’. Ова е решено на различни начини. Пример, Словенија балканските студентите ги карактеризира како ‘домашни’. Затоа многу млади студираат во Словенија. И други универзитети имаат слични школарини. Така помагаат. Така ќе биде додека не влезете во ЕУ.  Една од предностите е и програмата ЕРАЗМУС, достапна и во Македонија, но многу повеќе во ЕУ. Овозможува мобилност помеѓу универзитети. Студентите ја сакаат!“, констатираше евроамбасадорот Жбогар.

На крајот, Жбогар си замина со подарок – слика од учениците на „Љупчо Сантов “.

Петар Барлаковски од Младински образовен форум (МОФ) рече дека една од вредностите на ЕУ е искажување на мислења и ставови, правото на младите да кажат дали нешто им се допаѓа или не. Затоа се случуваат вакви серија настани.

„Веруваме дека ова е право на секој индивидуалец, без разлика на расните, религиските или разликите во годините. Многу е важно на младите да им се даде правото да се изразуваат, прашуваат и критикуваат кога е потребно“, рече Барлаковски од МОФ.

Настанот беше организиран во склоп на Проектот за младинско изразување на МОФ, финансиран од Европската Унија.

 

Бојан Шашевски