Локалната самоуправа на Кочани обезбеди над 30,5 милиони денари за реализација на проектот „Планински велосипедски рај“ што ќе се реализира на Осоговските Планини.
Станува збор за проширување на туристичкиот потенцијал и за создавање услови за развој на авантуристичкиот туризам, како дел од вториот повик за инвестиции во инфраструктурата поврзана со туризмот на Единицата за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од грант од Европската Унија.
Проектот „Планински велосипедски рај“ опфаќа изградба на патеки за планински велосипедизам на Осоговските Планини во вкупна должина од 35 км, на релацијата Пониква – Брана Гратче – Кочани. Планирана е и изработка на интерактивна апликација за мобилна телефонија, со податоци за планински велосипедизам што ќе вклучува презентација на геореферентни податоци на јавно достапните мобилни мапи. Покрај ова, се планира и обновување на планинарскиот дом.
Изградбата на велосипедските патеки и останатите придружни содржини ќе почне идната година и треба да се реализираат во период од 12 месеци.