Кочани брои штети, Старо Нагоричане гори – ограничени се ресурсите за гаснење пожари

Изгорени покриви на неколку куќи, деветмина побарале помош поради вдишување чад, но и настрадани животни и голема површина со дрва е епилогот од пожарот кој вчера доцна попладне стигна до Кочани, претставувајќи сериозна закана за целиот град.

Како што појасни на денешната прес- конференција в.д. директорот на Центарот за управување со кризи-ЦУК, Стојанче Ангелов, поради силниот ветер доцна попладнето пожарот кој избувнал дента, почнал да се шири кон градот.

„Вчерашниот пожар беше сосема нов, на нова локација и се случил најверојатно поради спојување на жици од бандери или далноводи, но тоа МВР треба да ја спроведе истрагата и да соопшти“, истакна тој.

Хеликоптерот пак појаснува, бил на друга локација и од рано утрото го гаснел пожарот во Старо Нагоричане, поради што било невозможно да се испрати и во Кочани. Пожарот во Старо Нагоричане, додава, бил приоритетен бидејќи бил на непристапен терен и бил закана за куќите и жителите од блиските села. Додава и дека проблем било тоа што хеликоптерите не можат да летаат кога температурата е над 37 степени, бидејќи се загреваат и има опасност да се срушат.

„Зар треба да дозволиме да ни се сруши хеликоптер, па имавме ситуација кога беше толку загреан што мораше да оди над 2.000 метри висина за да се олади и да може безбедно да се спушти. Безбедноста на луѓето е на прво место. Нека изгори сè, нека бидат живи и здрави луѓето. Вчера никој не загина, изгореа само два покриви, не цели куќи. Дрвјата пак ќе израснат, но животите никогаш нема да се вратат“, изјави Ангелов.

Тој додаде дека нема потреба од прогласување кризна состојба во државата поради пожарите. Денеска на терен се два армиски хеликоптери, а има најави дека ќе стигнат уште 4 од Србија.

„Како држава, имаме ограничени ресурси, ние тоа мора да го сфатиме. Треба да работиме на зголемување на тие капацитети, но тие се исти со години, и децении наназад“, се правдаше Ангелов.

Во пожарот вчера кој избувна во Кочани, деветмина жители побарале лекарска помош.

„Деветтемина жители на Кочани кои синоќа побараа лекарска помош поради вдишување на чад, како последица од пожарот се во добра здравствена состојба и сите се пуштени дома. Пациентите синоќа беа задржани во болница неколку часа и примаа кислородна терапија. Во пожарот нема повредени со изгореници“, соопштија од Министерството за здравство.

Во екот на пожарот, граѓаните преку социјалните мрежи бараа помош, а градоначалникот на Кочани за Радио МОФ изјави дека останале сами да гаснат со возилата кои ги имаат.

„Со сите сум стапил во контакт, со сите разговаравме, за жал во ист момент во нашата држава беснеат многу пожари и за жал и нашите соседи не можеа да ни помогнат, да ни пуштат. И од тие причини навистина не можеше да ни помогнат. И останавме сами, со возилата што ги имаме“, рече Илијев.

Пожарот во Кочани локализиран, но се шири кон друго населено место, вели градоначалникот Илијев за Радио МОФ

На денешната вонредна седница, Советот на Општина Кочани донесе одлука да издвои два милиони денари од сопствената сметка, како почетна помош за граѓаните чии објекти и друг имот се оштетени од пожарот.

Авионите за гаснење пожари чекаат сервис, фалат пожарникари и нови возилата 

Проблемот со недостиг на пожарникари и стари возила е нотиран во ланското истражување на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК)  кој ја објави и базата на податоци за бројот на пожарникари и за возилата на сите 30 територијални противпожарни единици во земјава заклучно со 31 декември 2019 година.

Истражувањето открива дека на 30-те територијални противпожарни единици во земјава им недостигаат 536 пожарникари за да имаат барем толку вработени колку што е законски пропишаниот минимум. Само четири од 30 единици имаат повеќе пожарникари од законскиот минимум (и тоа само по еден или двајца), додека шест единици имаат колку минимумот. Кочани е споменат меѓу градовите со најголем недостиг на пожарникари.

„Просекот на земјата е 0,64 пожарникари на илјада и петстотини жители. Најлошо од овој аспект стојат Гостивар (0,32), Куманово и Скопје (0,49), Кочани и Тетово (0,51) и Битола (0,52)“, стои во истражувањето.

Истражувањето покажа и дека во земјава има вкупно 241 противпожарно возило, со просечна старост на возилата од 28 години.

Фото: ЦГК

Трите авиони за гаснење пожари пак, на Дирекцијата за заштита и спасување пак, стојат во гаража бидејќи не се сервисирани од лани. Како што изјави за Канал 5, директорот на Дирекцијата за заштита и спасување Беким Максути, постапката за сервисирање двапати била обжалена и поништена. Според него, побарано е да се интензивираат преговорите и добиена е дозвола.

„Започнат е процесот, повикани се операторите и се надевам дека до крајот на неделата би имале активен договор со еден од операторите на јавната набавка. До октомври би ги имале во воздух некои од авионите. Не е секој од пожарите адекватен за да се интервенира со воздухопловно летало. Се создава перцепција дека секој пожар треба да се изгаси со авион или хеликоптер. Првично е скапа инвестиција, а притоа треба да се направи и проценка“, вели Максути.

Трите летала пак на армијата кои можат да гаснат пожари не можеле да се пратат во Кочани, бидејќи, како што соопшти претседателот Стево Пендаровски, не биле оспособени за ноќен лет.

Во земјава беснеат десетина пожари

Пожарот во Старо Нагоричане се уште не е ставен под контрола. Според последните информации од ЦУК, регистрирани се повеќе активни пожари до денеска до 13:00 часот. Извештајот на ЦУК во целост го пренесуваме во продолжение:

Скопски регион

Активен пожар над селото Градманци. На терен е излезена дежурна екипа ТППЕ и од ШС Караџица (4 шумари). Исто така е контактирано и со одговорните лица од општина Петровец. Состојбата се следи.

Струмички регион

Шумскиот пожар кој се појави околу 12:30 часот на ден 01.08.2021 година кај м.в.Погана (опш.Валандово) и кој зафати површина од 200 ха, во текот на вчерашниот ден беше во мирување се до 17 часот. Но со појава на северен ветер пожарот повторно се разгоре и имаше движење према с.Казандол и Богданци и зафати површина од околу 100 ха. Денес во утринските часови поради тивкото време пожарот е во мирување, освен мал дел над селата Брајковци и Балинци. Екипите на ТППЕ, Шумско стопанство и ДЗС се на терен и распоредени се покрај наведените села .

Кумановски регион

Во моментот покрај постоечките пожари, во 07:40 има појавено нов пожар во с.Бељаковце, опш.Куманово каде гори сува трева и нискостеблеста мешана шума. Ангажирана е екипа на ТППЕ Куманово со 3 пожарникара и 1 возило.

Во општина Старо Нагоричани во моментот и понатаму е активен пожар во с.Кокино кој се дели со длабок дол со с.Арбанашко-м.в. Рамно општина Старо Нагоричане каде гори висока борова шума, дабова шума, габер, сува трева и нискостеблеста мешана шума.

Во моментот од утринските часови на терен се ТПП Единица Старо Нагоричане со 6 пожарникара, 5- Вработени полицајци од СВР Ст.Нагоричане, 30 лица војска од АРМ .6 лица вработени од Ш.Стопанство со едно теренско возило и неколку мештани од општината Старо Нагоричане.

За пожарот во атарот на с,Дренок од општината Старо Нагоричане се исвестени од РЦУК и ТППЕ Куманово, ДЗС ПО Куманово и ЈП Национални шуми ПЕ Куманово.

Охридски регион

Пожарите во околината на с.Делогожда-Струга и с.Девич-М.Брод се локализирани и ставени под контрола така да во овој момент нема опасност од нив и нема потреба од дополнителни сили и средства за справување со нив.

Битолски регион

Пожар во општина Прилеп атарот на с. Канатларци и с.Подмол. На лице место излезена е екипа од ТППЕ Прилеп од 1 пп возило и 1 теренско возило, како и 7 пожарникари. Зафатено е сува трева, појаси и меѓи. Зафатена е и корија во атарот на с. Подмол. Во овој момент пожарот во атарот на с. Канатларци и Подмол, е ставен под контрола.

Пожарот на запалена шума во атарот на с.Топлица, кој започна во текот на вчерашниот ден во 13.10ч. се уште е активен.

Екипа од 1 теренско возило и 4 работници, моментално заминуваат на местото на настанот. Дооплнителни информации ќе се добијат по пристигнувањето на екипата од лице место.

Штипски регион

Пожарот што избувна на м.в.Бајаз Тепе во текот на вчерашниот ден, е сеуште активен и е проширен. Интервенираат екипа на Ш.С. Равна Река со 2 теренски возила со цистерни и 2 возила за превоз и 17 вработени, екипа на ШС Малешево со 2 теренски возила со цистерни и 10 вработени, ТППЕ Берово со 1 возило и 4 пожарникари и неколку луѓе од месното население. Гори Дабова и Борова шума, нискостеблести растенија, стрништа и пасишта. Екипите работат на локализирање на истиот.

Пожарот кој избувна во текот на вчерашниот ден во атарот на с.Нов Истевник маало Пасјак е се уште активен и е зафатена површина од околу 30 ха. Борова шума и нискостеблести растенија. Екипите за гасење на пожар се на терен од раните утрински часови од 04:00 часот. Во гаснењето на пожарот во моментот се ангажирани 80 припадника на АРСМ, 20 вработени во Шумско стопанство Голак од Делчево, ТППЕ со 8 пожарникари и 1 цистерна и едно теренско возило Лада нива, 1 припадник на Гранична полиција со 1 теренско возило Ланд Ровер.Пожарот ги има зафатено и атарите на општините Берово и Пехчево каде интервенираат работници од нивните Шумски стопанства.

Пoжарот кој се појави на (02.08) во 13:00 часот кај село Бели е целосно изгаснат. Во гасењето на пожарот учествуваа екипи од ТППЕ од Кочани, Штип, Свети Николе, Кавадарци и Скопје. 10 луѓе од ШС Осогово-Кочани и 90 војници и старешини од АРМ и месно население. Пожарот е завршен во 01:30 часот по полноќ.