Коалиција: МВР молчи за насилството и заканите врз ЛГБТ

Коалиција: МВР молчи за насилството и заканите врз ЛГБТКоалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ денеска изрази загриженост за повеќекратното насилство и говор на омраза кон ЛГБТ лицата и побара од Министерството за внатрешни работи да соопшти какви мерки се преземени за спречување и пронаоѓање на сторителите на кривичните дела.

„Нема никакви информации за насилството врз малолетници во близина на „Воинот на коњ“, за кое новинари и очевидци известија дека е предизвикано од истата група хулигани која организираше т.н. „Контра-ГејПарада“. Нема никакви информации за заканите по живот кон ЛГБТ лицата кои беа упатени од страна на организаторите на „Контра-ГејПарада“ на социјалните мрежи. Најпосле, нема никакви информации ниту за последниот случај на каменување на домот на актерот Петар Стојковиќ, кое уследи откако актерот пријави во МВР случаи на закани по неговиот живот“, се вели во соопштението на Коалицијата.

Од здружението за заштита на правата на маргинализираните заедници, велат дека се под постојани притисоци и напади во изминатиот период и бараат МВР да ги заштити сите граѓани.

„Постојат многу докази кои упатуваат на сторителите (камери низ центарот на градот, камери од плоштадот, новинарски снимки и изјави, видео од нападот врз ЛГБТИ центарот за поддршка, сведоштва на полицајци кои директно беа жртви на насилство и беа спречени во извршувањето на нивните надлежности, коментари со закани и повици за насилство на социјалните мрежи, итн). Поради ова, бараме најитно полицијата да постапи согласно законските овластувања и да ги идентификува сторителите на кривичните дела, да поведе постапка против нив, а во иднина да ги преземе сите неопходни мерки за превенирање на слични настани“, велат од Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“.