Коалите повторно се враќаат во дивината по австралиските пожари

Неколку месеци по катастрофалните пожари во Австралија, а во време на глобална пандемија, конечно – добри вести.

Коалите полека се враќаат во дивината, откако пожарите од изминатово лето уништија површина поголема од 1 милион хектари.

Четири возрасни коали и едно новороденче биле пуштени во Националниот парк „Канангра-Бојд“ во Нов Јужен Велс. Тие биле дел од групата на првите 12 коали кои биле спасени од реонот „Сини Планини“ за време на пожарите, за во јануари да бидат сместени во зоолошката градина „Таронга“ во Сиднеј. Најавено било и ослободувањето на преостанатите коали, со што 13 коали ќе се вратат во дивината.

Од пожарите и од сушата во текот на летото се проценува дека починале околу 10,000 коали, што е третина од вкупниот број на коали во Нов Јужен Велс. Ветеринарните болници забележале невиден пораст во приемот на повредени животни, најчесто поради изгореници или дехидрираност.

Проширеното семејство од 5 коали било вратено во дивината од страна на сиднејската непрофитна организација за зачувување на дивиот свет „Наука за живот“, со помош од страна на зоолошката градина „Сан Диего Глобал“ и непрофитна зоолошка градина во САД.

„Среќни сме што ги враќаме коалите во природата. Направивме проценка на запалената област од каде што ги спасивме за да утврдиме кога условите за живот ќе се подобрат, односно кога дрвјата ќе бидат доволно цврсти за нив. Коалите ќе ги следиме преку радио и ќе внимаваме тие сигурно да ја надминат транзицијата“, изјавил извршниот директор на „Наука за живот“.

Невладината организација и зоолошката градина „Сан Диего Глобал“ во изминативе пет години соработувале на проект за зачувување на коалите од реонот „Сини Планини“ и биле посветени на зголемување на популацијата на коали во оваа област.

„За време на огромните пожари изгореа 80% проценти од подрачјето кое се смета за светско наследство, па постои ризик да исчезнат коалите од ова место. Тоа не натера да направиме ваков радикален чекор и да ги извлечеме коалите од пожарите“, истакнал Ли.

Според Ник Бојл, директор на зоолошката „Таронга“, ветеринарите и медицинскиот персонал на зоолошката згрижиле повеќе од 100 коали за време на пожарите и сушата.

„Извесен број на коали сè уште се третираат во „Таронга“, нашиот долгорочен план е зачувувањето на коалите во Австралија“, додал тој.

Извор: Mashable