Коалиција СЗПЗМ: Народниот правобранител утврди дискриминација во учебници на Универзитетот во Тетово

Коалицијата „Сексуални и здравствени права на маргинализираните заедници“ (СЗПМЗ) информира дека Народниот правобранител позитивно се произнел по нивната претставка и утврдил дискриминаторска содржина по учебнии по психологија на Државниот Тетовски Универзитет.

Според Коалицијата, претставката се однесувала на дискриминаторски и вознемирувачки содржини кон ЛГБТ лицата и лицата кои живеат со ХИВ во учебниците „Психопатологија на деца и млади“ од авторката Гордана Станковска и „Медицинска Психологија“ од авторките Гордана Станковска и Муќереме Руси.

„Авторките на горенаведените учебници исто така се произнеле дека ‘ќе бидат отстранети сите пропусти, така што ќе бидат прифатени сите предлози и сугестии на Народниот правобранител, со што терминологијата и ставовите кои не се совпаѓаат со најновите меѓународни стандарди и документи за овие категории на лица, ќе бидат отсранети или адекватно изменети…“, соопштуваат од Коалиција.

Понатаму, потенцираат дека дел од спорните содржини зборуваат за хомосексуалноста како пореметувања и нарушувања кои според авторките можат да се отстранат (излекуваат) доколку „…се отстранат пречките во развојот на сексуалноста и се достигне половиот идентитет“. Авторките тврдат дека „Хомосексуалните настапи во пубертетот и младоста треба да ги сфатиме како нарушувања во психосексуалниот идентитет…“ Додека за ХИВ пишуваат дека „веднаш по откривањето, AIDS заболувањето е поврзано со постоењето на две ризични групи луѓе: хомосексуалци и наркомани, кои се дрогираат интравенски. 

„Со сите овие изјави се врши дискриминација и вознемирување врз основа на сексуална ориентација и здравствена состојба, потпирајќи се на застарени сфаќања кои во современата научна мисла се одамна надминати и не се во согласност со научните сознанија“, соопштува Коалицијата.

Коалицијата СЗПМЗ и ЛГБТ Јунајтед Тетово ја поздравуваат заложбата на Народниот правобранител и одлуката на Универзитетот во Тетово за повлекување на спорните содржини.

„Бараме согласно известувањето кое го добивме од Народниот правобранител, во најбрз можен рок спорните содржини да бидат повлечени, што значи уште еден чекор напред кон отстранување на дискриминаторските содржини во високото образование и негово трансформирање во еманципаторно образование кое ќе промовира почитување и унапредување на човековите права, наместо нивно загрозување“, се вели во соопштението.