Коалиција „Сите за правично судење“: Протоколите за Ковид -19 не смеат да го попречуваат правото на фер судење

Коалицијата Сите за правично судење преку јавна реакција укажа дека мерките за заштита од Ковид -19 не смеат да го попречуваат правото на правично судење, осврнувајќи се на неодамна објавениот Протокол со заштитни мерки во судовите кои се однесуваат на сите вработени, но и на сите странки и граѓани кои влегуваат во судот.

Уште истиот ден кога е објавен овој протокол, од Коалицијата нотирале дека во одредени судови, лица во својство на јавност, вклучувајќи и претставници на невладини организации кои се препознаени како стручна јавност согласно процесните закони, биле спречени да присуствуваат и да ги набљудуваат судските рочишта, со образложение дека нема доволно простор во судницата за соодветна физичка дистанца помеѓу лицата кои што се во истата. Затоа, укажуваат дека ваквиот протокол може да влијае на правото на правично судење од повеќе аспекти.

„Најнапред, иако овој Протокол според својата содржина се однесува на сите судови во земјата, истиот
до сега е објавен само од страна на Основниот кривичен суд Скопје и воедно воопшто не е наведено кој орган,
тело или институција го има донесено, туку само е наведено дека истиот е изготвен од страна на Здружението
на судии, а објавен од страна на Основниот кривичен суд Скопје. Оваа ситуација повлекува низа прашања во
однос на транспарентноста и независноста на судската власт. Во овој контекст, иако Здружението на судии е
професионална организација сочинета од судии, сепак истото е само граѓанска организација, односно
здружение на граѓани, па така истото не е препознаено како тело, институција или орган кој на било каков начин може формално да влијае врз судската власт и да носи обврзувачки акти за сите судови во земјата, директно навлегувајќи во овластувањата на Судскиот совет“, забележуваат од Коалицијата од каде прашуваат и дали овој Протокол пред да започне со примена претходно треба да биде усвоен од страна на
Судскиот совет.

ДОдаваат дека дополнителна загриженост предизвикуваат и самите мерки кои се наведени во Протоколот, а кои даваат широки овластувања на судиите да ја ограничат, па дури и целосно да ја отстранат јавноста од постапките.

„Така, согласно Уставот на РСМ, Европската конвенција за човековите права на Советот на Европа,
Меѓународниот пакт за граѓански и политички права на Обединетите нации, како и домашните процесни закони, судењата во судовите во Р. Северна Македонија се јавни, а причините поради кои јавноста може да биде исклучена, како и начинот на кој истото може да биде направено се соодветно предвидени. Јавниот карактер на постапката е важен дел од обезбедувањето на правичноста, а спроведувањето на правдата треба да биде видливо, така што да биде подложно на јавен надзор, што воедно ќе послужи и како механизам со кој ќе може да се зајакне довербата на граѓаните во судството и правосудните институции“, додаваат оттаму.

Тие укажуваат дека и Европскиот суд за човекови права ја препознава потребата од исклучување на јавноста поради заштита на безбедноста или приватноста, но сепак истиот констатира дека случаите во кои грижата за безбедноста го оправдува исклучувањето на јавноста се навистина ретки, а воедно и дека безбедносните мерки мораат да бидат соодветно прилагодени и во согласност со начелото на сразмерност, откако ќе бидат разгледани сите можни алтернативи.