Книжевен разговор со писателката Тања Ступар-Трифуновиќ

Издавачката куќа „Готен“ организира книжевниот разговор со писателката Тања Ступар-Трифуновиќ во рамки на книжевниот фестивал „Друга приказна“. Разговорот ќе го води Владимир Јанковски, а ќе се одржи во недела (9 септември), со почеток во 18:30 часот во Музејот на современа уметност во Скопје.

Ступар-Трифуновиќ пишува поезија, проза, колумни и книжевни критики. Нејзината поезија е наградувана и преведувана на англиски, француски, германски, полски, словенечки, дански и македонски јазик. Застапена е во повеќе антологии и избори од поезијата и прозата.

За романот „Часовниците во мајчината соба“ во 2016 година ја добива наградата на Европската Унија за литература.

Ступар-Трифуновиќ во септември е гостинка на книжевната резиденцијална програма за автори и преведувачи од Југоисточна Европа „Апсолутно модерен“, програма која се реализира под покровителство на Европската мрежа за превод и книги Традуки.