Kнижевен разговор со хрватскиот писател Драго Гламузина

Вечерва во „Кино Култура“ ќе се одржи книжевен разговор со хрватскиот писател Драго Гламузина, а во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“.Разговорот ќе го води Владимир Јанковски.

Драго Гламузина во текот на јуни е гостин на резиденцијалната програма за писатели и преведувачи на издавачката куќа Готен, која е дел од проектот „Читајќи го Балканот“. Гламузина е роден 1967 година во Вргорац. Дипломирал компаративна книжевност и филозофија на Филозофскиот факултет во Загреб. Работел како новинар, а моментално е главен уредник во издавачката куќа „Ве-бе-зе“ од Загреб. Пишува поезија и проза. На македонски јазик му се преведени 4 книги: збирките поезија „Месари“, „Тоа ли е сè“, „Еверест“, како и романот „Три“. За збирката „Месари“ ја има добиено наградата „Владимир Назор“ и „Квирин“, а за романот „Три“ ја добива наградата на „Т-портал“ за најдобар хрватски роман во 2008 година.

Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.