Книжевен разговор со Габриела Бабник во „Антолог“

Издавачката куќа „Готен“ во рамки на проектот „Читајќи го Балканот“ организира книжевен разговор со словенечката писателка Габриела Бабник. Разговорот ќе се одржи на 23 август во книжарницата „Антолог“ (Димитрие Чупоски број 31, во близина на гимназијата „Јосип Броз Тито“), со почеток во 20 часот. Разговорот ќе го води Владимир Јанковски.

Габриела Бабник во текот на август е гостин на резиденцијалната програма за писатели и преведувачи на издавачката куќа Готен, која е дел од проектот „Читајќи го Балканот“.

Габриела Бабник (1979) е писателка, литературна критичарка и преведувачка. Досега има објавено три романи, а нејзините новинарски текстови, книжевни и филмски критики редовно се застапени во неколку словенечки весници и списанија. Родена е во Германија, а студирала компаративна книжевност на Универзитетот во Љубљана, по што заминала во Африка, која станала инспирација за нејзините дела. Магистрирала на тема од современиот нигериски роман. За својот прв роман, „Кожа од памук“, во 2007 година ја добива наградата за најдобра дебитантска книга на Саемот на книга на Словенија, а за третиот роман „Сушен период“ во 2013 година ја добива наградата на Европската Унија за литература. Во 2015 година романот „Сушен период“, во превод на Лидија Аризанкова, го објави издавачката куќа „Антолог“.

Главен фокус на разговорот ќе биде токму романот „Сушен период“. Романот ја опишува љубовната приказна меѓу Ана, 62-годишна дизајнерка од централна Европа, и Исмаел, 27-годишен Африканец што пораснал на улиците и бил жртва на многу злоупотреби. Она што им е заедничко се осаменоста, трагичното детство, сушните периоди или „харматан“, кога ниту природата, ниту љубовта не можат да процветаат. Наскоро, уметницата сфаќа дека празнината помеѓу нив не се појавува поради бојата на кожата или поради разликата во годините, туку поради нејзината припадност на западната цивилизација. Еротиката не ја надминува осаменоста, потиснатите тајни од минатото испливуваат во светот што е суров, но и поневин од нејзиниот.

Проектот „Читајќи го Балканот“ се реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги Традуки.