Книжевен фестивал „Друга Приказна“ од 6 до 9 септември во МСУ

„Идентитетот како претстава“ е главната тема на книжевниот фестивал „Друга приказна“, кој ќе се одржи по третпат од 6 до 9 септември во Музејот на современа уметност во Скопје.

Добитничка на главната награда е хрватската писателка Оља Савичевиќ Иванчевиќ.

Учесници на фестивалот ќе бидат триесетина писатели и теоретичари од регионот и од нашата земја. Своето учество досега го потврдија следниве учесници од регионот: Оља Савичевиќ ИванчевиќСибила Петлевски, Радмила Лазиќ, Марко Погачар, Шпетим Селмани, Биљана Космогина, Енес Халиловиќ, Драган Протиќ, Дејан Илиќ, Иван Димитров, Даница Вукичевиќ, Петра Митиќ, Стефан Бошковиќ, Тања Ступар-Трифуновиќ, Стефан Митиќ, Станимир Панајотов, Инга Жолуде

Специјален гостин на фестивалот ќе биде белградскиот поп електро бенд ЕПП.

„Главната фестивалска тема, „Идентитетот како претстава“, ја избравме, меѓу другото, и за да дадеме придонес во кампањата која во септември ќе биде актуелна кај нас, пред референдумот за промена на името на државата и за влегување во ЕУ и НАТО. Несомнено е дека нашите позиции, и како поединци и како фестивал, се проевропски и во насока на поврзувања, регионални и глобални. Се разбира и дека нашата позиција е повеќе културно-уметничка отколку политичка, но преплетот на тие позиции некогаш е неизбежен, а некогаш и продуктивен. Темата, се разбира, е многу поширока и опфаќа уметнички, родови, медицински, филозофски, естрадни, маркетиншки итн. аспекти. Затоа ни се виде добра (соодветна, провокативна, поттикнувачка) за нашиот фестивал“, велат организаторите.

„Друга приказна“ е скопски книжевен фестивал за мали фикции. Првото издание се случи во 2016 година. Фестивалот произлезе од потребата за друга приказна насекаде: во книжевноста, културата, политиката – во целото општество.

Меѓу поважните цели на фестивалот се популаризација на книжевноста; преиспитување на улогата на книжевноста во општеството; преиспитување на жанровските граници, на релациите меѓу „популарното“ и „елитното“, „високото“ и „ниското“, ангажираното и ескапистичкото; преиспитување на улогата на писателот во новите локални и глобални контексти; осмислување и практикување на нови стратегии за културни поврзувања и локално и регионално и глобално; вмрежување на македонските автори и искуства во регионален контекст; збогатување на скопската културна понуда…

Поднасловот на фестивалот, „Мали фикции“, значи дека примарен интерес се малите книжевни форми, згодни за јавно и сценско споделување. Но, тука се и хибридните книжевни форми, местата каде што книжевноста се среќава со музиката, графиката, медиумите, естрадата, теоријата…