Клупската сцена ќе заживее со звуците на Тијана Т и Нино Флудер директно од Македониумот

Платформата „Терапија“ го најави својот прв видео стрим, директно од Македониумот во Крушево.

Идејата е да ја промовираат бруталистичката архитектура и еден од еден од најпрепознатливите македонски споменици, но истовремено да ја одржат клупската сцена и да поддржат македонски и регионални диџеи.

Овој петок, 25 декември, со почеток во 20 часот, на социјалните мрежи на Терапија и веб-страницата www.terapija.mk, ќе оди стримот од настапите на Тијана Т и Нино Флудер.

„Во духот на непокорот, во ова време на глобална пандемија и неизбежна социјална дистанца, се прилагодуваме на новите околности и не се откажуваме од клупската сцена“, се вели во најавата за настанот.

Музиката која Тијана Т ја презентира во своите сетови е уникатна, со одлични технички способности, карактеристичен личен музички израз и силна експресивност. Нејзиниот харизматичен карактер, уникатниот пристап кон музиката и професионалноста и даваат посебен шарм и популарност на чудната и несекојдневна електрoнска продукција која ја создава, а која често ја збогатува со селекција на house, acid и jackin’.

Тијана Т повеќе од една деценија претставува клучна фигура на српската електронска музичка сцена. Нејзините почетоци се врзуваат со еден од најуспешните балкански фестивали EXIT, каде работи како ПР менаџер и како музички новинар.

Префинетиот избор на музика, техничката подготвеност и страста кон плочите го направија Нино Делиников, алијас Диџеј Флудер, добро позната и омилена фигура помеѓу клаберите и клаберките.

Ниту неговиот стил, ниту пак неговата музика имаат тендеција да се повторуваат, следствено на тоа Флудер секогаш е во потрага по нешто ново и возбудливо кое е наменето за доброто расположение на публиката.

Во текот на неговата работа како диџеј имал можност да ја сподели диџеј кабината со врвните артисти како што се: Carl Cox, Richie Hawtin, Sven Vath ,Miss Kittin, Nina Kravitz, Peggy Gou, Solomun, Moodymann, Ben Klock, Umek, Deetron, Valentino Kanzyani, Matthew Johnson, AME, HEIDI, Stanny Fransen, Martin Buttrich, Robert Dietz, Dan Curtin, Steve Rachmad, Christian Smith, John Selway, и тн.