Клуб на пратенички: Осуда за дискриминаторскиот однос на Меѓународниот атлетски маратон

Клубот на пратенички на Собранието на Република Македонија преку соопштение го осудува, како што велат, дискриминаторскиот однос кон жените-учеснички на Меѓународниот атлетски маратон во Охрид, на кој наградите за жените натпреварувачки, се пониски од оние за мажите натпреварувачи.

„Ова е скандалозно газење на Законот за еднакви можности на жените и мажите и јавно понижување и деградирање на женскиот род. Го повикуваме Атлетскиот сојуз на Република Македонија, како организатор, јавно да се извини и да обезбеди еднаков третман на сите натпреварувачи, со еднакви награди за сите победници“, велат пратеничките.

Инаку, Клубот на пратенички е неформална група во Парламентот составена од сите пратенички, независно на која пратеничка група припаѓаат. Формиран е на 7 март 2003, со мисија преку законски решенија да се постигне родова еднаквост и унапредување на правата на жените, нивно активно вклучување во процесот на одлучување во државата како и зајакнување и ширење на демократијата во сите сфери на македонското општество. Составот за 2016-2020 година го сочинува 41 жена пратеник.