Клубот на млади лекари (КМЛ) реагираше на предложениот проект на Министерството за здравство, со кој се предвидува на секој завршен студент на медицинските факултети да му биде понудено работно место.
Од КМЛ велат дека проектот ќе користи доста средства од буџетот и дека неговиот успех е многу важен и за нив и за идните односи со централната власт. Сепак, тие предупредуваат дека е потребна анализа и консултација со сите засегнати страни, стриктни критериуми, а истовремено ги прашуваат надлежните „како овој проект ќе го спречи партиското влијание во вработувањето“ и „какви услуги ќе добиваат пациентите од штотуку дипломираните млади лекари“.
Во продолжение ви ги пренесуваме сите точки кои од КМЛ ги посочуваат во соопштението до јавноста:
1. Колку ќе биде загарантирано вработувањето на новодипломираните лекари, доколку се пријавуваат на истиот конкурс и постари лекари од претходните генерации, кои се невработени или планираат да започнат специјализација, имајќи предвид дека овој стаж ќе биде услов за специјализација.
2. Да се изготви анализа со потребите и проблемите во консултација со сите засегнати страни, како институции, граѓански сектор, корисници на јавно-здравствените услуги.
3. Да се определат стриктни критериуми за распоредот на младите лекари по здравствените домови низ државата.
4. Да се проучи можноста за таков шест-месечен стаж да се одржи таму каде има основ истиот да се претвори во трајно вработување, за младите да вложат поголем труд и да не гледаат на тоа само како задолжителна пракса.
5. Да се консултира академскиот кадар на државата за правецот во кој треба да се фокусира проектот за да има перспектива и да не се гледа само како привремено ублажување на нетрпението на младите лекари.
6. Да се процени колку ова, дополнително додавање на услов за специјализација, ќе го одложи создавањето на нови специјалисти кои и така се во дефицит поради постојаното заминување на македонските лекари во странство.
7. Дали младите лекари на стаж ќе добијат личен профил во МојТермин и дали ќе користат сопствен факсимил или ќе прегледуваат и пишуваат извештаи и терапија во име на специјалист?
8. Каква услуга ќе добијат пациентите од штотуку дипломираните млади лекари и која ќе биде нивната одговорност?
9. Кој ќе ја оценува работата на младите лекари?
10. Како оваа мерка ќе го спречи партиското влијание при вработувањето?
„Овој проект треба да води кон подобри улсови како за младите лекари така и за пациентите. Затоа, потребно е попрофесионално и подетално анализирање на изградбата на моделот за овој проект, пред неговиот успех да се вети со сигурност и бараме да бидеме вклучени во креирањето на истиот“, заклучуваат од Клубот на млади лекари.