Филипче: На сите завршени млади лекари ќе им биде понудено работно место

Министерот за здравство, Венко Филипче, најави дека во најскоро време ќе обезбедат средства за модел со кој сите млади лекари кои го завршиле образованието ќе добијат понуда за работа во македонското здравство:

„Ние веќе направивме промена во Законот за здравствена заштита, со која воведовме шестмесечен задолжителен стаж на примарно ниво и на ниво на итна медицинска служба за сите млади лиценцирани лекари. Меѓутоа сакаме овој модел да го надградиме, за кој во најскоро време ќе обезбедиме дополнителни средства, за сите завршени млади лекари, кои се околу 300 на број во нашата држава од сите три медицински факултети, да добијат понуда за работно место. Веќе работиме на моделот, на правилникот согласно Законот, се надевам дека најмногу за еден и пол месец ќе го имаме точниот начин со кој на секој завршен млад лекар, без разлика на било каква припадност, ние да му понудиме работно место во нашиот здравствен систем“, рече Филипче.