Клиника за психијатрија: Менталното здравје е посебно важно во услови на пандемија

Металното здравје е важно посебно во време на актуелната пандемија со ковид-19. На подолг рок, луѓето кои биле заразени или имале симптоми на болеста со ковид-19, можат да бидат изложени на ризик од ментални заболувања, како што се депресија, вознемиреност, замор и посттрауматско стресно растројство и по завршување на лекувањето, велат од Универзитетската клиника за психијатрија по повод Светската недела за подигинување на свесноста за ментално здравје.

Од Клиниката појаснуваат дека тешките коронавирусни инфекции може да имаат и психолошки последици, вклучително и можни директни ефекти врз централниот нервен систем, степенот на физиолошки компромис, заради низок крвен кислород, имунолошкиот одговор и медицинските интервенции, како и други причини, кои се однесуваат на поширокото социјално влијание, вклучително и социјалната изолација, загриженост за зараза од други лица и стигма.

„Повикајте го вашиот доктор, психијатар или психолог ако стресот е присутен во текот на вашите дневни активности неколку дена по ред и не успевате да најдете начин како да се справите со него“, апелираат од Клиниката.

Оттаму потсетуваат дека во изминатиот период отворени се повеќе телефонски линии наменети за психолошка поддршка на граѓаните:

– возрасни во самоизолација 072 919 009
– мајки во бременост и по породување 078 378 766
– родители на деца на предучилишна и училишна возраст 072 912 676
– адолесценти 078 378 728
– родители на деца со пречки во развојот 070 291 574
– психолошка поддршка на албански јазик 070 291 657

Во наредниот период се најавуваат повеќе активности за промоција и превенција за менталното здравје наменети за целата популација, како и за одредени групи под ризик, како што се повозрасните лица, децата и адолесцентите, различните групи со зголемен ризик за насилство, лицата кои веќе се лекуваат од ментални растројства, како и здравствените работници.

„Изминатиот период од отворањето на телефонските линии покажа дека тие беа потребни за многу граѓани кои првпат се соочуваат со ментални потешкотии, како и за луѓе кои веќе имале искуство со сервисите за ментално здравје“, велат од Клиниката.