„Климатското затоплување на Балканот и обновливи видови енергија“ – онлајн дебата

Еднодневна онлајн дебата насловена „Климатското затоплување на Балканот и обновливите видови енергија“ организира Францускиот институт во Скопје во петок, 27 ноември со почеток од 10 часот.

Како што информираат организаторите, главните теми на кои ќе се осврнат учесниците се миграција на населението со силна концентрација во Скопје, производството на електрична енергија базирано на термоелектрични централи и јаглен, недоволната свесност за обновливите извори на енергија, греењето во домовите каде што се користат горива со ниска цена, како и за потребата од поразвиен јавен превоз.

„Целта на настанот што се одвива во рамките на Фондот д’Аламбер, со поддршка на Францускиот институт во Париз, е да се поттикне дебатата околу заштитата на животната средина, а франуските учесници ќе може да ни го пренесат нивното искуство“, информираат организаторите.

Дебатата ќе ја отворат Амбасадорот на Франција Сирил Бомгартнер, Амбасадорката на Обединетото кралство Рејчел Галовеј и градоначалникот на Скопје Петре Шилегов.

Учесници на дебатата ќе се македонски и француски интелектуалци и активисти во еко-сферата, како Жил Беф, еминентен биолог, Антонио Јовановски од невладината организација „Гоу Грин“, Ана Чоловиќ-Лешоска, извршна директорка на невладината организација „Еко-свест“ и други.

На настанот, како што посочуваат организаторите, ќе биде обезбеден симултан превод, и додаваат дека за да се добие линкот од дебатата која ќе се одвива на „Зум“, потребна е регистрација на мејлот culture@ifs.mk.