Климатските промени ќе доведат уште 122 милиони луѓе во апсолутна сиромаштија до 2030 година

Извештај на Обединетите нации предупредува дека доколку не се преземат мерки за да се забават и поправат штетите од климатските промени, производството на храна може да стане невозможно во голем дел од планетата Земја.

Климатските промени се „голема и растечка закана за глобалната безбедност на храна“, вели извештајот, предупредувајќи дека тоа можеби ќе ја зголеми глобалната популација која живее во екстремна сиромаштија, за број од 35 до 122 милиони луѓе. Најзагрозени се фармерските заедници во Африка, под пустината Сахара.

Извештајот за состојбата со храната и земјоделието за 2016 година, објавен од Организацијата за храна и земјоделие со седиште во Рим, повикува за „длабоки промени во земјоделството и системите за одгледување на храна“. Препорачуваат дека половина милијарда фарми со мало производство треба да добијат особена поддршка.

Во документот пишува дека без „широко прифаќање на одржливи практики за одгледување на земјиште, вода, риболов и пошумување, глобалната сиромаштија не може да биде сузбиена“.

Се додава и дека фармерите мора да преземат мерки да ги намалат емисиите на стакленички гасови и својот придонес кон глобалното затоплување.

„Нема сомнеж дека климатските промени ќе влијаат на земјоделските сектори и безбедноста на храната и дека нивниот негативен импакт ќе биде посериозен како што се забрзува. Во некои особено ранливи места, како малите острови или областите кои се под влијание на огромни климатски настани, влијанието може да биде катастрофално“, пишува.

Ератрин Козин, извршен директор на Светската програма за храна, вели: „Климатските промени веќе го истрошија меѓународниот хуманитарен систем. Повеќе од 80 проценти од гладните во светот живеат во области склони на природни катастрофи и деградација на екосистемот. Климатските промени не чекаат, а не треба да чекаме ни ние“.

Во септември 2015 година, земјите-членки на ОН се согласија да ја сузбијат екстремната сиромаштија и гралот до 2030 година, како дел од целите за самоодржлив развој. Истражувањето сега аргументира дека е време политичките обврзувања да станат дела.