Клементина Ристовска: Социјалниот центар „Дуња“ е мало парче простор во кое сите се добредојдени

Од денес, Скопје си доби уште едно место кое ќе придонесе кон ширење на солидарноста и креативноста, но на малку поинаков начин. Социјалниот центар „Дуња“ ќе се обиде да допре и до студентот кој не слушнал за МКЦ, или до работничка која не смета дека може да си дозволи присуство на друштвени настани „за млади“, вели Клементина Ристовска за Радио МОФ.

„Дел сме од систем на постојана компетитивност, борба за поголем профит, хиерархиска подреденост на структури на моќ, социјална нееднаквост, конзумеризам, ограничувања врз личните слободи. ‘Дуња’ е мало парче простор во кој живееме според поинакви вредности и принципи. Инаку, на турски зборот значел свет, објаснува Ристовска.

Таа, заедно со уште неколкумина ентузијасти решија од обична зграда да направат центар во кој секој поединец е добредојден да присуствува на дискусија за ангажирана уметност, да учествува во колективно готвење, партија шах или алтернативна тура на градот.

„Во Дуња се однесуваме другарски и со меѓусебна солидарност. Сите сме еднакви, не инсистираме на јасна линија помеѓу домаќини и дојденци. Бараме единствено секој кој влегува да се чувствува како во свое и така и да се однесува кон просторот. Слободно може да си направите сами чај во кујната, но должни сте да ја измиете чашата, помогнете со раскревањето и слично. Самоиницијативноста и личната одговорност се важни принципи на кои се заснова идејата на центарот“, вели Ристовска.

„Дуња“ е заедничка иницијатива на членовите на Левичарското движење „Солидарност“, Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Младинската организација „Мугра“, како и групи и поединци здружени со заедничка цел за создавање солидарен простор. Според Ристовски, центарот функционира непрофитно и е одржуван на волонтерска основа од членовите на организациите кои се основачи, како и од секој поединец или група кои сакаат активно да дејствуваат во него.

Една од целите на ова место ќе биде да досегне до луѓе од различни социјални групи.

„Преку скршнување од вообичаената пракса за промовирање на активностите на социјалните мрежи и портали, со повеќе tete-a-tete промоција – делење летоци и разговор со луѓе. Преку постојан обид да се вклучат нови, до сега неслушнати луѓе кои имаат што да кажат, било тоа да е панел дискусија или сликање мурал. Па се до ситници, како пракса на обезбедување превод на филмови и слично“, рече Ристовска.

Социјалниот центар на „Дуња“ по многу аспекти ќе биде сличен со концептот на досегашниот Автономен културно-социјален центар – АКСЦ, чиј колектив сега е неактивен поради различни ангажмани на членовите.

„АКСЦ сите знаеме што значеше; одигра одредена значајна улога во одреден период за прогресивното движење во Македонија. Преживеавме што преживеавме изминатиов период, научивме и пораснавме многу како движење, па ‘Дуња’ ќе соодветствува на сегашните потреби и сфаќања за тоа како до ново општество на моќни и освестени граѓани и граѓанки. Веројатно ќе се организираат повеќе политички дискусии и активности (политички не значи партиски!).  АКСЦ беше финансиски независен, додека ‘Дуња’ ја почнуваме со почетна поддршка од програмата Цивика Мобилитас, а веќе се стремиме за обезбедување услови за независно, самоодржливо постоење во иднина“, објасни Ристовска.

Манифестот на овој социјален центар вели дека ова ќе биде простор отворен за среќавање, самоорганизирање, вмрежување, учење, споделување на знаење, креативно изразување, социјализирање и другарство.

Центарот официјално ќе биде отворен денес со целодневна програма, со почеток во 16 часот преку колективна кулинарска дружба. Забавата продолжува со хуманитарна изложба на уметнички дела и детски цртежи, за на крај, да заврши со проекција на филмот „Battle Royale“, во организација на Контра Кадар Скопје.

Ристовска нагласи дека „Дуња“ ќе биде отворена секој вторник и четврток од 16 до 22 часот, и секоја сабота од 12 до 16 часот. Нивните идни настани може да се следат преку Фејсбук страницата на социјалниот центар.