Клаудија Кардинале e овогодишна добитничка на „Камера 300“ на „Браќа Манаки“

Италијанската и светски позната филмска актерка Клаудија Кардинале ќе учествува на свеченото отворање на 39-тото издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ и ја добие специјална златна „Камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, соопштија оргаризаторите на фестивалот на пресконференција во Битола.

Клаудија Кардинале има преку 175 улоги во филмови, телевизиски серии и краткометражни филмови. Препознатлива по улогите во „8 1/2“, „Пинк Пантер“, „Беше еднаш на Западот“ „Роко и неговите браќа“ и „Фицкаралдо“, во нејзината богата кариера настапувала заедно со филмските партнери Марчело Мастројани, Берт Ланкестер, Ален Делон и многу други.

„Клаудија Кардинале беше прогласена за една од најубавите 50 жени во филмската историја, во својата кариера има освоено над 35 награди и признанија, а веруваме дека со задоволство во своите раце, на фестивалската сцена во Битола, ќе ја држи и златната „Камера 300““, истакна Гена Теодосиевска, директорка на ИФФК „Браќа Манаки“.

Организаторите на ИФФК „Браќа Манаки“ информираа дека натпреварувачкиот дел од годинешната програма ќе го оценува стручно жири предводено од Олимпија Митилинау, кинематограферка од Грција.

Фестивалот ќе се одржи од 22 до 29 септември во Битола.