Ќе треба и Студија дали идните инсталации во Гази Баба ќе влијаат врз животната средина, велат од МЖСПП

И покрај реакциите и сомнежите на „02 Иницијатива“ и локалните граѓани, општина Гази Баба и градоначалникот Борис Георгиевски досега не дадоа јасни одговори за конкретниот проект, инвеститорот или технологиите што би се употребувале на земјиштето со намена Е 3.1 во Старо Скопје. Единствено е соопштено дека на тамошни парцели се предвидени постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад. Истовремено, отпочна постапка за забелешки за Стратегиската оценка за влијание врз животната за трите урбанистички проекти (123) за уредување на тоа земјиште, вон урбанистички план. Сепак, од ресорното министерство за Радио МОФ велат дека, за било каква инсталација според проектите и намената, треба да се изработи и посебна Студија за нивното влијание врз среднината (ОВЖС).

Потоа, согласно дејностите – ќе следи изработка и издавање на евентуални дозволи (А-интегрирани/Б- интегрирани дозволи зависно од капацитет и активноста).

„Меѓутоа, во нашите постапки постои можност МЖСПП да донесе одлука за неодобрување на Студијата за ОВЖС доколку се процени дека одредена инсталација може негативно да влијае врз животната средина, независно од донесениот Урбанистички план. На овој начин, МЖСПП  обезбедува зачувување и почитување на стандардите кон животната средина“, велат од Министерството за животна средина (МЖСПП).

Овој документ значи, министерството задолжува било каков објект да нема влијание врз вода, воздух и почва. Кога инспекторите потоа би оделе на терен – тие се водат по документите на министерството, проверуваат дали е тоа остварено, дали нешто е надминато и сл.

МЖСПП потврдува дека претходно Гази Баба до нив доставиле Барање со формулар за неспроведување на Стратегиската оценка за влијание врз животната средина (СОВЖС).

„Но, МЖСПП процени дека е потребна СОВЖС и ја задолжи општината со Решение да ја спроведе постапка за СОВЖС. Барањето е пристигнато некаде пред крај на месец март“, ни рекоа од министерството.

Додека градоначалникот Георгиевски вчера преку Фејсбук напиша само дека „на посочените парцели нити се планира, ниту ќе има тешка индустрија, а уште помалку топилница“, денес „02 Иницијатива“ побара транспарентност и вистински одговори, а не само негирање.

Еко-активистите реагираат дека Георгиевски најмалку пет месеци е запознаен со урбанистичките проекти, но, велат тие, ниту еднаш не излезе со конкретни информации за планираниот проект.

„Ние не сме мали деца па да му веруваме на неговото нема да има, негова должност како градоначалник на општината и лице кое го одобрува урбанистичкиот проект е да излезе во јавноста и даде точни и детални информации за проектот, почнувајќи од тоа кој е инвеститорот, преку технологиите кои ќе се користат, преработката на цинкова прашина, капацитет, емисии, итн. Ова е она што градоначалникот Борис Георгиевски не го направи до денес, а требаше да го стори уште во почетните фази на проектот, наместо ние да гледаме на огласна табла и наоѓаме таму нецелосни информации со зададени рокови“, се вели во реакцијата на „О2 Иницијатива“.

Организацијата веќе забележа дека во достапните документи само бегло се споменуваат можни технологии за преработка на цинкова филтер прашина и згура.

„Што покрај другите наводи на носење на суровините од индустрискиот комплекс Железара, укажува дека на локацијата ќе се преработува отпад од Макстил. Досега цинковата филтер прашина се извезуваше за преработка во странство, а очигледно се планира третманот на филтер прашината да се врши во непосредна близина на Макстил“, рекоа активистите.

Радио МОФ вчера и денес, како и пред некоја недела кога беше прекината јавната расправа, се обиде да стапи во контакт со општината, но досега на добивме конкретен одговор за тоа што точно се планира за земјиштето во Старо Скопје.

Последно, денес на сајтот на општината се појави информација дека е продолжен рокот за забелешки за Стратегиската оценка за урбанистичките планови. Наместо до 30-ти април, сега граѓаните имаат можност за претставки од 4 мај до 3 јуни.

Бојан Шашевски