„02 Иницијатива“: Се планира отворање на топилница во Гази Баба

„Се планира отворање на топилница во општина Гази Баба, Град Скопје! Една затворивме едвај во Велес, нова сака градоначалникот на Гази Баба да отвори во Скопје. За таа цел се изработени 3 урбанистички проекти кои директно градоначалникот Борис Георгиевски треба да ги одобри, не Советот на општината“, се вели во реакцијата на  „02 Иницијатива“.

Еко-активистите велат дека градоначалникот Георгиевски, сакајќи побрзо да ги одобри, сакал да ги донесе без спроведување на Стратегиска оценка за животната средина (СОЖС) и носи таква Одлука, но Министерството за животна средина до задолжува да спроведе СОЖС.

„О2 Иницијатива“ потенцира дека во тек е доставување на забелешки за нацрт извештаите за СОЖС за 3те урбанистички проекти (1, 2, 3) вон опфат за урбанистички план за уредување на земјиште со намена Е 3.1 – постројки за термички, физичко – хемиски и хемиски третман на неопасен отпад во делови од Старо Скопје во Гази Баба.

Рокот е до 30 април, петок, па апелираат до граѓаните да достават забелешки.

„Што повеќе испратени забелешки, тоа подобро. Проследете до ваши пријатели, соседи, сограѓани“, велат од 02 „Иницијатива“.


⚠ Се планира отворање на топилница во општина Гази Баба, град Скопје‼️ Една затворивме едвај во Велес, нова сака…

Posted by O2 Иницијатива on Monday, April 26, 2021

Активистите посочуваат забелешки за описот на проектот. Односно, како што велат, за потребите на водоснабдување ќе се користи флаширана вода за пиење на вработените и посетителите, а за техничка вода се предвидува дека ќе се користи бунарска вода.

„Отпадните води ќе се зафаќаат во водонепропусна септичка јама. Планирано е приклучување на гасовод, потребно е да се инсталира посебна трафостаница. Предвидени се три производни хали, една огромна од 24.052.90m2, потоа друга исто многу голема од 6.930.70m2 и трета од 32.099m2 за третман на „неопасен“ отпад и три резервоари за суровина со волумен на секој од резервоарите од 41.569m3. Овие параметри упатуваат дека на локацијата се планира огромен капацитет за преработка на отпад“, е првата забелешка на „О2 Иницијатива“.

Понатаму, во однос на влијанието на животната средина, посочуваат дека обработени се само влијанијата во текот на изградбата, а влијанијата во оперативната фаза, имајќи предвид дека технологијата за преработка на отпадот не е позната, велат тие, се сведени на емисии од транспортни возила со кои ќе се врши дотур на суровина (отпад).

„Бегло се спомнуваат можни технологии за преработка на цинкова филтер прашина и згура, што покрај другите наводи на носење на суровините од индустрискиот комплекс Железара, укажува дека на локацијата ќе се преработува отпад од Макстил. Досега цинковата филтер прашина се извезуваше за преработка во странство, а очигледно се планира третманот на филтер прашината да се врши во непосредна близина на Макстил. Не се објаснети влијанијата врз животната средина од третманот на цинкова прашина. Цинковата прашина всушност претставува опасен отпад и неговата преработка вообичаено се врши во електролачна печка, така што влијанијата од преработката на филтер прашината се слични со оние од самата преработка на челик. Сметаме дека самиот наслов на планот Е3.1 – постројки за термички, физичко-хемиски и хемиски третман на неопасен отпад е во спротивност со дејноста што се планира на локацијата“, стои како забелешка на „О2 Иницијатива“.

Според еко-активистите, под класата Е3.1 се сокрива фактот дека на локацијата се планира тешка и загадувачка индустрија, што според нив ќе ја прошири областа под загадувачка индустрија во општина Гази Баба и град Скопје.

„Извештајот за стратегиска оцена на животната средина се фокусира на придобивките – нови работни места, намалување на количините на отпад, но не дава опис на веројатните влијанија што ќе произлезат од преработката на филтер прашината и евентуално згурата, упатувајќи на наредниот чекор од проектниот циклус – оцената на влијанија врз животната средина што би следел по усвојувањето на планот. Преработката на отпадот од производството на челик е исто така металургиски процес од кој се јавуваат отпадни гасови, се трошат енормни количини на енергија. Избегнувајќи да се спомнат влијанијата врз животната средина од планираниот технолошки процес кој, иако не е познат на ниво на урбанистички проект, бегло се спомнува во извештајот, се купува време и се неутрализира отпорот на локалното население кон спроведувањето на овој проект“, велат еко-активистите.

Исто така, потенцираат дека територијата на општина Гази Баба е сконцентрирана тешка индустрија и воздухот е енормно загаден.

„Затоа сметаме дека инсталирање на постројка за третман на отпад од Макстил, а потоа за задоволување на капацитетите и увезен отпад од Косово и Албанија, дополнително ќе го влоши квалитетот на животот не само на жителите на општина Гази Баба, туку и на соседните општини и целосно на град Скопје. Затоа сме ПРОТИВ усвојувањето на овие три извештаи и самите урбанистички проекти“, се вели во реакцијата.

Дополнително, по однос на самата постапка, велат дека врз основа на члeн 69 од Закон за животната средина и Уредбата за учество на јавноста во текот на изработката на прописи и други акти, како и планови и програми од областа на животната средина, општина Гази Баба не ги дала на јавен увид трите урбанистички проекти.

„Не објавила место и време во дадениот рок каде урбанистичките планови ќе се објавени и може да се разгледаат и не ги објавила и на својата веб страна; не објавила место и време на одржување на јавната расправа која требало да се одржи најмалку 15 дена од денот на ставање на урбанистичките проекти на јавен увид, а најдоцна 5 дена пред денот на истекувањето на рокот за јавниот увид, но не се одржала. Со ова целата постапка не е во согласност со законот и подзаконските акти и со тоа е нелегитимна“, стои како последна забелешка од „02 Иницијатива“.