„Ќе те пратам кај психологот – казна, закана или поддршка“ – јавна дискусија во „Млади хаб“ на 19 декември

Здружението на граѓани „Младите можат“, на 19 декември од 19 часот во „Млади хаб“ организираат јавна дискусија под насловот „Ќе те пратам кај психологот – казна, закана или поддршка“.

Преку овој настан, велат од здружението, сакаат да поттикнат дискусија за улогата на училишните психолози во негувањето на менталното здравје кај учениците.

„Според податоците од истражувањето за менталното здравје кај средношколците во Скопје, спроведено во април 2019 година, 32,9% од средношколците од Скопје, го посетиле/биле пратени кај училишниот психолог заради недисциплинираност, а 15% заради голем број на изостаноци“, се вели во најавата за настанот.

На настанот ќе бидат презентирани и наодите од истражувањето за перцепциите на средношколците поврзани со менталното здравје, како и резултатите од програмата за врсничка едукација за менталното здравје.

Презентацијата на резултатите од истражувањето и целата дискусија, се наведува дека ќе биде водена од Анита Николовска, извршен директор на „Младите можат“.

Панелисти на дискусијата се: Гордана Блажевска Спиридонова, психолог во Гимназијата СУГС „Никола Карев“, Кристијан Ангелески, младински работник и дел од базата на ментори на „Младите можат“ и Тамара Митевска, средношколец и врснички едукатор за ментално здравје на „Младите можат“.