Ќе се воведе државна награда која ќе го носи името на Мето Јовановски

Министерството за правда и Министерството за култура ќе воведат државна награда за придонес кон човековите права која ќе го носи името на Мето Јовановски, првиот претседател на Хелсиншкиот комитет.

Одборот за доделување на оваа награда ќе биде составен од претставници на граѓански организации. Таа ќе се доделува секоја година на 10.декември, Меѓународниот ден на човековите права.

Мето Јовановски почина на 88 годишна возраст на 23.декември 2016 година по кратко боледување.

Писателот Мето Јовановски беше истакнат активист за човекови права. Тој беше претседател на Македонскиот ПЕН центар и прв претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Тој беше припадник на повоената генерација македонски писатели кои меѓу првите пишуваа на македонски јазик и го создаваа и ширеа македонскиот јазик.

Во кариерата долга шест децении, творештвото на Мето Јовановски брои над 30 книжевни дела.

Негови најпознати дела преведувани на повеќе светски јазици: „Јадреш“, 1957, „Мени на мојата месечина“, 1959,  „Првите човекови умирања“, 1971,  „Патот до осамата“, 1978, „Крстопат кон спокојот“, 1987, „Љубовта на Грифонот“, 2005.

Ги напиша романите „Хајка на пеперутки“, 1957 „Слана во цутот на бадемите“, 1965, „Земја и тегоба“, 1968„Сведоци“, 1970„Будалетинки“, 1973, „Орловата долина“, 1979, „Крлежи“, 1984 и „Балканска книга на умрените или Ослободување преку зборување“, 1992.

Автор е и на две книги за деца „Љуман армијата“ од 1954 и „Војвода над војводите“ од 1980.