Ќе се снима играна серија „Зоки Поки“

Режисерот Александар Поповски ќе снима тв-серија според книгата „Зоки Поки“ на Оливера Николова.

Тој доби од Агенцијата за филм 310 илјади евра за снимање на ТВ-серијата во продукција на „Кино око“.

Агенцијата за филм ги објави резултатите од конкурсот распишан на 27 декември 2017, за финасирање на проекти од национален интерес во филмската дејност за поддршка на производство на други аудиовизуелни дела (играна серија и документарна серија) и други проекти од национален интерес во филмската дејност (едукативни програми и програми за развој и унапредување на филмската култура и кинематографија и поддршка за членство на Република Македонија во меѓународни филмски организации) во 2018.

„Зоки Поки“ е роман за деца објавен во 1963 година од „Детска радост“. Со години е задолжителна лектира за учениците од основните училишта во Македонија.

Книгата е преведена на српски, романски, украински, чешки, италијански, словенечки, турски, албански и германски јазик.

Според резултатите од конкурсот, покрај Поповски, Агенцијата поддржа и две документарни серии, „Европски приказни“ во режија на Марко Ѓоковиќ и „Еуро Вижн “, која доби 84 илјади евра, како и „Динамиката на македонската демократија 2006-2016“ во режија на Ѓоковиќ, Лидија Мојсовска и Сашко Потер Мицевски. Оваа серија на „ОХО продукција“ доби 130 илјади евра.