Ќе се прави зелен кров над ГТЦ

Градоначалникот Шилегов и Луиза Витон, Постојан претставник на УНДП во Македонија, денеска го потпишаа договорот за соработка помеѓу Град Скопје и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за реализација на проектот „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени”.

Со овој договор е предвидена реализација на активности од областа на заштитата на животната средина, особено заштитата од климатските промени и зголемување на отпорноста на Скопје, но и активности за воведување иновативни пристапи во секојдневната работа и поефикасни услуги за своите граѓани.

„Со потпишувањето на овој договор Градот Скопје се обврзува да обезбеди подобра животна средина, да ја штитиме природата и биодиверзитетот во градот и во околината, да ги подобриме условите за живот, да преземеме активности за справување со климатските промени и да ги вклучуваме граѓаните во носењето на одлуките и следејќи ги нивните потреби да обезбедиме подобар живот за сите“, кажа Шилегов.

Соработката со УНДП се продолжува за период од 18 месеци, а истиот е во вредност од 720.000 долари. Активностите на овој проект ќе се одвиваат во две насоки, првата е подобрување на еколошката одржливост на градот, каде што ќе продолжи да се работи на научни истражувања, а резултатите од овие научни истражувања ќе се имплементираат преку реализација на пилот-проекти.

„Оваа година Градот Скопје има предвидено засадување на 10.000 нови висококвалитетни листопадни, како и над 2.000 зимзелени садници на територијата на Скопје. Дополнително, преземаме конкретни активности за изградба на зелен кров во Градскиот трговски центар, се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги завршиме сите административни процедури и од наредната година би почнала неговата реализација“, додаде тој.

Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Витон изјави дека со овој договор се продолжува и интензивира соработката со Градот Скопје, која изминативе неколку години резултира со изработката на поголем број студии, стратегии, како и отворањето на Центар за иновации на Град Скопје „Скопје Лаб“.