Ќе се носи нов Закон за високо образование

Претставниците на студентите, професорите и Владата се договориле да биде донесен нов закон за високо образование, соопштија од Студентскиот пленум по завршувањето на втората средба во Ректоратот за реформите во образованието и државниот испит. Ваквата одлука ја потврди и ректорот Велимир Стојковски.

Ивана Туфегџиќ од Студентски пленум изјави дека е прифатено студентското барање.

„ Од средбата, Студентски пленум го пренесе интегрално барањето за нов Закон во високото образование. Заклучокот ќе го пренесеме на нашиот вечерашен состанок, по што ќе произлеземе со став подоцна. Прифатено е нашето барање“, изјави Туфегџиќ.

Како што истакна ректорот Стојковски, концептот за нов закон треба да се изготви за најмногу 45 дена.

„На денешниот состанок донесен е заеднички заклучок да се пристапи кон изработка на нов Закон за високо образование од две причини – прво затоа што постоечкиот закон за 6 години претрпува 15 измени, и второ, затоа што се сложивме во нашата заедничака определба за подигнување на квалитетот на виското образование, определба за сеопфатни реформи за подигнување на знаењето на студентите. Во таа насока ќе  се формираат работнни групи кои во рок од 30-45 дена ќе треба да го изработат концептот на новиот закон. По изработка на концептот ќе се организира конференција, а во пошироки работни групи ќе се изработи текстот на новиот закон. Последната фаза е таа во која законот ќе биде подложен на јавна расправа“, изјави ректорот Стојковски кој ги повика професорите и студентите да се вратат на редовните работни обврски.

Барањата со кои студентите настапија пред министерот за образование Абдилаќим Адеми и вицепремиерот Зоран Ставрески се отпочнување на постапка за изработка на комплетно нов закон за високо образование, кој во себе нема да содржи одредби кои предвидуваат надворешно оценување.

Ваквиот договор меѓу студентите и владините претставници доаѓа по силниот притисок кој Студентскиот пленум го изврши врз надлежните, двонеделната окупација на факултетите и трите студентски марша каде излегоа илјадници студенти.