Ќе се формираат Ковид-центри во 16 општини во земјава

Во 16 општини ширум земјава ќе се формираат регионални Ковид-центри, односно, во градови каде веќе постојат општи болници и здравствени домови, информираат од Министерството за здравство (МЗ), додавајќи дека градоначалниците на 16 општини го поддржале предлогот на МЗ и на Комисијата за заразни болести.

Ваквите активности, како што посочуваат од МЗ, се одвиваат во рамките на подготовките на здравствените систем за есенскиот бран на коронавирусот, а целта е да се обезбеди соодветен третман и тријажа на пациенти позитивни или сомнителни на ковид 19, без да се компромитира редовното работење на болниците и здравјето на другите пациенти.

„Станува број за дополнителни времени капацитети, односно монтажни модуларни болници или креирање на посебни патеки и услови во некои објекти, како и лоцирање и прилагодување на одредени други капацитети кои би можеле да се адаптираат и користат како привремени ковид центри“, информираат од МЗ.

Градоначалниците на општините Гевгелија, Куманово, Кавадарци, Струмица, Кичево, Дебар, Гостивар, Струга, Кочани, Охрид, Велес, Тетово, Штип, Битола, Ресен и Прилеп по иницијатива на МЗ и поддршка на Заедницата на единиците на локални самоуправи (ЗЕЛС) одржале работен состанок, ја изразиле својата подготвеност и се согласиле да ги стават сите капацитети на располагање кои се во нивна ингеренција.

„Инфраструктурните барања се тесно поврзани со персоналот, опремата и ресурсите, и доколку истите не се стават во фокусот, тие можат да се појават како клучен ограничувачки фактор. Во тој смисол, стратешката координација, проактивното планирање, проценката на опциите и приоретизацијата се клучни во борбата со коронавирусот. Од страна на присутните градоначалници беше поздравена иницијативата на министерството и беше прифатен ваквиот пристап на координација“, информираат од МЗ.

Од МЗ најавија дека активностите за подготовка на евентуален есенски бран на Ковид-19 ќе продолжат на 14 јули, кога ресорното министерство и Комисијата за заразни болести ќе организираат состанок со директорите на болниците од овие градови, во однос на здравствените капацитети и техничките потреби за да се подготви соодветен навремен одговор на евентуален есенски бран.

Досега во земјава од почетокот на епидемијата се дијагностицирани 8.111 пациенти со Ковид-19, бројката на оздравени пациенти е 4.203, додека на починати 382 лица. Во моментов, бројот на активни случаи изнесува 3.526 лица.