Ќе се формира тело за мониторинг на процесите во рудникот Иловица-Штука

Цијанид и сулфурна киселина нема да се користи и ќе се формира независно тело за мониторинг, беше посочено на синоќешната консултативна средба за Проектот за развој на рудникот за бакар и злато Иловица-Штука, што се одржа во Струмица.

Во четиричасовната дискусија учествуваа владини претставници од ресорните министерства и институции, градоначалници и претставници на засегнатите локални самоуправи, претставници на локалните заедници, граѓански организации и здруженија, технички експерти, претставници на ЕБОР и на компанијата носител на проектот, „Еуромакс“, како и други засегнати страни.

Мониторинг телото, како што било договорено на средбата, ќе врши проверка на секој следен чекор низ претстојните фази.

Во рамки на дискусијата, велат од Владата, беше поздравена и одлуката на „Еуромакс“ да ги отстрани цијанидот и сулфурната киселина од процесите, во интерес на заштита на животната средина и со цел отстранување на грижите на локалното население во регионот.

„Со внимание беа разгледани и економските параметри кои покажуваат дека оваа инвестиција и работата на рудникот ќе учествува со три отсто од БДП во Македонија, и ќе обезбедува даночни приходи во висина од 24 милиони евра годишно, со отворање на 500 директни и 2.700 индиректни вработувања за граѓаните од овој регион. На консултативната средба, премиерот Заев изнесе неколку заклучоци кои беа поздравени од присутните, меѓу кои тоа дека сите засегнати страни имаат заедничка цел, да се отстранат ризиците и стравовите поврзани со животната средина и здравјето на граѓаните“, се потенцира во владиното соопштение.

Следните чекори, порачуваат од Владата, ќе бидат заеднички, преку континуирана дискусија и дијалог, при што компанијата ќе биде посветена да испорача гаранција за заштита на здравјето на локалното население, а Владата ќе биде тука да врши контрола низ процесите што се во нејзина надлежност.