Ќе се формира работна група и регистар за лицата со попреченост

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска денеска се сретна со претставници на Граѓанската иницијатива „5 до 12“ и од Хелсиншкиот комитет за човекови права во Македонија. Дел од предлозите можат веднаш да бидат имплементирани, додека за некои ќе се почека, велат од министерството, бидејќи претходно треба да се направат анализи за буџетските импликации.

„На состанокот е договорено да биде формирана работна група од претставници на МТСП, на неформалната коалиција „5до 12“, на членови на Ресурсен центар, Советот на Национални организации, претставник на Координативното тело за изедначување на правата на лицата со попреченост, Хелсиншкиот Комитет, а како мониторинг на целиот процес ќе биде повикан и Народниот правобранител“, информираат од министерството.

По анализите на министерството, предлози кои ќе бидат ставени на разгледување во работната група се следните: укинување на границата од 26 години за користење на правото за скратено работно време на родителите кои имаат деца со попреченост; ќе се разгледа воведениот материјален цензус за користење на правата на помош и нега, мобилност, слепило и глувост; ќе се разгледа можноста за поголема професионализација на првостепената комисија за нега и помош од друго лица, истата технички и кадровски да се доекипира, и истата да може да ги спроведува увидите во домот на корисникот. Исто така, Конзилијарните комисии од прв степен за ова право да бидат укинати за да се намалат административните процедури за оваа категорија на граѓани; ќе се преоценат програмите за работа на дневните центри за деца со попреченост на територија на Република Македонија. Од страна на МТСП веќе се побарани податоците од сите центри во државата, со поддршка на УНИЦЕФ. Изготвена е анализа за алтернативните форми на згрижување, и согласно со препораките и забелешките во наредниот период ќе се преземат соодветни чекори во насока на доекипирање на центрите, овозможување на соодветни едукации.

За почеток, велат од министерството, е договорено да се создаде регистар на лица со попреченост преку вмрежување на податоци од постојните системи, како што е Министерството за здравство, Фондот за здравствено осигурување, Фондот за пензиско и инвалидско осигирување, Агенцијата за вработување и ресурсниот центар на родители кои што имаат деца со посебни потреби. Воедно, ќе се провери до каде се постапките веб-страните на сите државни органи за да бидат пристапни за лицата со попреченост.