Бесплатни пакети за управување со менструалната хигиена, како и адаптирање на тоалет во училишта во Општина Тетово и Општина Ресен, најавија денеска на прес-конференција од невладината организација „Новинари за човекови права“ (НЧП).
„Лошото управување со менструалната хигиена може да доведе до широк спектар на негативни последици, вклучувајќи здравствени, психосоцијални и образовни последици. Одлучивме да започнеме еден мал проект кој ќе се реализира во две училишта, во Општина Тетово и Ресен каде што ќе се обидеме практично да ви објасниме што би значело управување со менструалната хигиена според меѓународните стандарди“, вели Наташа Доковска, координатор на проектот во Новинари за човекови права.
Додава дека адаптираните тоалети треба да бидат олицетворение на тоа, како треба да изгледаат тоалетите во кои девојчињата би можеле да ја управуваат менструалната хигиена.
Ричард Малион од Британската амбасада во Скопје, вели дека недостатокот на производи за менструална хигиена влијае на образованието на девојките.
Преку пример објасни за подвигот на Амика Џорџ, девојка од Велика Британија, која ја натерала Владата да примени нови закони, а од следната година, државата да стане прва земја во Европа која ќе овозможи бесплатни производи за менструална хигиена во сите училишта во земјата.
„Шокирана дека девојчињата не одат на училиште затоа што не можат да си дозволат да купат производи за менструална хигиена, реши да направи нешто што ќе го промени овој факт. Таа започна со петиција и ги искористи социјалните медиуми за да собере поддршка за нејзината кампања која потенцираше дека менструалната сиромаштија им го одзема правото на образование на девојките“, рече Малион.
Тој додава дека Британската амбасада во Скопје го финансира овој проект, поради тоа што во Северна Македонија, процентот на девојки кои не одат во училиште за време на нивната менструација е 90%, додека во урбаните средини тој изнесува 75%.
„Несоодветните услови за управување со менструалната хигиена во училиштата и високата цена на производите се најчеста причина зошто девојките не одат на училиште. Овие девојки пропуштаат 2 до 5 дена во месецот“, вели Малион.
Координаторката на проектот Доковска, дополнува дека една од целите на проектот е и имплементација на меѓународните стандарди за управување со менструалната хигиена, а со тоа подразбира да има: доволен број на тоалети, тие да бидат пристапни за сите, кабините да имаат простори за миење раце, хартија и сапун, да обезбедуваат приватност и безбедност, како и во нив да е минимизиран ризикот од насилство.
Дополнително, вели дека, тоалетите треба бидат лесни за чистење, соодветни на локалните културни и социјални услови, возраста и полот, како и да имаат соодветни кутии за селектирање на отпадоци при управувањето со менструалната хигиена.
Мартин Колоски