Под мотото „Ќе (оп)стоиме заедно!“, на 21 јуни ќе се одржи шестата по ред Парада на гордоста во Скопје. Традиционално, појдовната точка ќе биде во паркот „Жена-борец“ каде во 18 часот ќе започне собирањето на учесниците и по кратки поздравни говори протестниот марш по скопските улици ќе започне во 19 часот.
„Оваа година, маршот на Скопје Прајд добива нова рута – симболично и буквално. Ова не е прослава – ова е протест. Нема јавна програма, нема забава – само отпор. Во изминатите месеци, видовме како образовниот систем го брише секое спомнување на нашите идентитети, нашите приказни, нашето постоење“, истакнуваат од Националната мрежа против хомофобија и трансфобија.
Според нив, зголеменото насилство, омразата и исмевањето во училиштата не се случајни – тие се последица на институционален срам и молк.
„Наместо заштита, образовните политики нудат невидливост. Наместо грижа – негирање. Токму затоа, ќе застанеме пред ова Министерство, гласни и непокорни – затоа што младите заслужуваат подобро. Затоа што животите на квир учениците вредат“, порачува Стефан Петровски, активист.
Од Министерството за образование, протестниот марш ќе продолжи пред Владата каде заедницата ќе ги испрати пораките: „Доста е од молк за Кочани“, „Доста е од игнорирање на Законот за правно признавање на род“ и „Доста е од воздржаност пред геноцид“.
„Слоганот ‘Ќе (оп)стоиме заедно’ не е случаен. Тој го носи нашето искуство на преживување, но и нашата одлучност – не само да опстоиме, туку да опстоиме заедно. Во време на политички притисоци, говор на омраза, институционално молчење и глобални неправди, нашиот одговор е заедништво, солидарност и радикална грижа“, истакнува Лила Милиќ, активистка за правата на трансродовите луѓе.
Како што вели таа, протестот не е заради традиција, туку затоа што е потребно. Затоа што, додава, многу ЛГБТИК+ луѓе и понатаму се третираат како невидливи, несигурни и незаштитени.
„Затоа што транс лицата сè уште чекаат правно признавање на родот. Затоа што образованието се чисти од секакво споменување на нашите животи. Затоа што сакаме да живееме во општество во кое телата, љубовта и идентитетите нема да се сметаат за закана. Скопје Прајд 2025 не е само настан – тоа е движење. И секој што ќе застане со нас, придонесува за промена“, потенцира Милиќ.
Годинава има многу причини за протест и нема простор за забава на Прајд, смета Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права.
Според неа, секоја година Министерството за внатрешни работи покажува високо ниво на професионалност во обезбедувањето на учесниците на Прајдот, полициските службеници успеваат да не предизвикаат страв и тензија кај учесниците.
„Во периодот на одржувањето на Парадата на гордоста, секоја година се соочиме со сериозен говор на омраза. МВР го следи говорот на омраза, а ќе ги следиме и ние сите овие појави и ќе известуваме за сите случувања“, посочува Пировска.
Таа ги повикува сите – ЛГБТИК+ луѓето, сојузниците, пријателите, колегите, избраните и биолошките семејства – да излезат на 21 јуни.
„Да покажеме дека сме многубројни, дека не се плашиме, и дека стоиме рамо до рамо за општество засновано на еднаквост, слобода и почит“, заклучува Пировска.