„Ќе ни недостигате“ – марш на ученици и наставници од „Исмаил Ќемали“ во спомен на загинатите во Бугарија

Ученици и наставници од основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Чаир марширајќи денеска им оддадоа почит на загинатите во автобуската несреќа во Бугарија, меѓу кои се и нивни соученици.

„Секогаш во нашите срца“, „Ќе ни недостигате“… гласеа дел од транспарентите на маршот. Во него се приклучија и директорот на училиштето и наставници, положувајќи цвеќе пред скалите на Плоштадот Скендербег во спомен на загинатите.

Во вчерашната несреќа на магистралниот пат „Струма“ во Бугарија, животот го загубија 45 лица. Северна Македонија поради несреќата вчера прогласи тридневна жалост, а ден на жалост денеска е прогласен и во Косово и Бугарија. Седумте преживеани се во стабилна општа состојба и нема опасност по нивните животи.