Ќе има (ли) војна – театарска едночинка во Кино Култура

Што се случува кога една значајна изјава што најавува општа и неизбежна опасност ќе биде изговорена гласно? „Ќе има (ли) војна“ е кратка театарска фантазија/едночинка, која што посочува прст кон толпата и нејзината масовно хистерична моќ, а истовремено го преиспитува индивидуалецот.

Едночинката ќе се одигра во Кино Култура, идниот петок (25 март) со почеток во 20:00 часот. Режијата, играта, текстот како и аудиот снимките се на Ивана Атанасова, а користена е музика од Дејвид Брн. Техничката поддршка е на Ана Теова.

„Ќе има (ли) војна“ тежнее да воспостави една специфична релација помеѓу изведувачот и публиката, која трае за време на изведбата и секогаш е неповторлива. Давајќи ѝ одредени улоги на публиката, кои се менуваат во зависност од ситацијата, приказната се движи и ја иницира играта на изведувачот, кој мора да го наполни и обои дејството кое се одвива пред нејзините очи.

Авторката го користи своето тело за да отелотвори креација која носи внатрешна сила и има душа.

Влезот е слободен, а донациите за поддршка на независната сцена се добредојдени.