Ќе има ли Скопје јавен превоз во текот на следните денови е главната дилема која ги мачи граѓаните кои ги следат препукувањата меѓу Градот Скопје и компанијата Пуцко петрол, која го снабдува ЈСП Скопје со гориво за ватобусите.
„Граѓаните да не се грижат, возниот ред на ЈСП се одвива без застој, а автобусите редовно сообраќаат на сите линии“, велат од Јавното сообраќајно претпријатие, откако вчера компанијата Пуцко петрол најави дека ќе ја прекине доставата на гориво.
Утрово, од ЈСП информираа дека, сепак, добиле одредени количини нафта, кои се доволни за два дена.
Од Градот Скопје вчера во соопштение информираа дека иако ЈСП има активен договор за испорака на нафта со Пуцко петрол, компанијата, заради политички притисоци од владеачката партија во периодот пред локалните избори, врз сопственикот Асмир Јахоски, кој е соочен со обвиненија и затворска казна, ја прекинала доставата на гориво.
„Асмир Јахоски, кој е соочен со обвиненија и затворска казна е подложен на уцени и иако има активен договор за испорака на нафта ја прекина доставата. Истото уценетиот го направи и за предновогодишните празници и ги остава грѓаните да чекаат на ладно во зима и на жега во лето“, стои во соопштението на Град Скопје.
Од таму велат дека ЈСП дава услуга за граѓаните која претставува јавен интерес, заради што градските власти за Асмир Јахоски и Пуцко петрол ќе покренат постапка за материјална и кривична одговорност заради непочитување на договорот за снабдување на ЈСП со нафта.
Од компанијата, пак, велат дека ЈСП должи над 10 милиони евра и има неплатени сметки повеќе од две години, што според нив, е главната причина зошто е најавен прекинот на доставата на гориво.
За неизвесноста во која се наоѓа јавниот превоз, а и сите граѓани кои зависат од него, беше најавено и свикување на вонредна седница на Советот на Скопје, која се уште не е закажана.