„Ќе Дишеме или Ќе Издишеме“ бара да се вклучи аларм за воздухот

Да се вклучи алармот во Институтот за јавно здравство побара новосоздадената граѓанска иницијатива „Ќе Дишеме или Ќе Издишеме“, од каде истакнаа дека во Македонија има над 800 илјади граѓани кои заболеле од респираторни болести.

Еколошки освестените граѓани од Скопје со здруженијата „Еко Герила“ од Тетово и „За нас се работи“ од Битола, одлучија да се обединат и заедно да им го завртат грбот на институциите, бидејќи како што велат, институциите им свртеа грб на граѓаните.

„Прашуваме на кого служи институтот за јавно здравје? На партиските елити или за нас граѓаните? За кого го вклучувате алармот? За партиската ебола или за нас граѓаните со респираторни проблеми? Прашуваме дали институтот функционира само како филијала на заводот за статистика? „Ќе дишиме или ќе издишиме“ со подршка на „Еко Герила“ од Тетово и „За нас се работи“ од Битола прашуваат и бараат јавно да се соопшти бројот на лица заболени од респираторни проблеми и бројот на лица заболени од канцер по региони Скопје, Тетово и Битола“ изјави Ангела Илиевска, од Иницијативата.

Оттаму посочија дека во Македонија има над 670 000 граѓани заболени од проблеми на горните дишни патишта, како и околу 200 000 граѓани кои имаат заболување на долните дишни патишта. Од Иницијативата јавно ги повикаа сите граѓани кои се соочуваат со респираторни проблеми, еко здруженијата и организациите да им се приклучат во во организирање на марш за животот под мотото „Ќе дишеме или ќе издишеме”, кој најавија дека ќе се одржи во текот на овој месец.

Денеска тие оставија и подарок во Институтот за јавно здравство кој вклучуваше маска, плакат на граѓанската иницијатива и лекови за полесно дишење.

Моника Кочовска